X
 30.05.2019 Образование

Што ни порача Европа за образованието

Европската комисија во годишниот извештај за напредокот на образованието и културата во Македонија забележува дека системот сè уште е ранлив на политичко влијание и корупција, дека сме поделени по етничка основа и дека мал процент од децата посетуваат градинки.

Земјата е умерено подготвена во оваа област, стои во извештајот. Понатаму се додава дека ограничен напредок е направен со усвојувањето на новиот Закон за високото образование. Воведувањето на мерките од деталната образовна стратегија 2018-2025 остана ограничено. Поради тоа што ниедна од минатогодишните препораки не беше имплементирана, тие остануваат валидни. Следната година земјата, според ЕК, треба:

- Да ја имплементира новата стратешка рамка за едукација, особено таргетите за претшколско образование;

- Да ја зголеми поддршката за обуки и професионален развој на наставници и да осигури ефикасен процес на оценување;

- Да го подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено во претшколскиот дел, деца со попреченост и деца од ромските заедници.

Во извештајот се наведува и дека јавната потрошувачка на образование, обуки, млади и спорт во 2018 останала на 3,8 отсто од БДП.

За Комисијата сè уште е загрижувачки нискиот степен на запишување деца во лиценцирани претшколски институции, кој изнесува само 30 отсто. Но, како што се наведува во извештајот, македонската Влада презела мерки за зголемување на изворите и претшколските места преку инвестирање во претшколската инфраструктура и во обуки на наставниците.

Во однос на основното и средното образование, потребни се подобрувања. Се проценува дека 10 отсто од Ромчињата не присуствуваат редовно на наставата во основното образование.

- Квалитетот на образованието е загрижувачки на сите нивоа и системот останува ранлив на политичко влијание и корупција - стои во извештајот.



Во него се додава и дека децата и учениците со попреченост и оние од ромската заедница и понатаму се соочуваат со бариери во однос на редовно и квалитетно образование и обуки. Исто така, се наведува и дека поделбата по етничка линија во образованието продолжува.

- Нема никаква редукција на бројот на училишта каде што учениците се поделени и бариерите за интеграција остануваат значителни - истакнуваат од ЕК.

Во однос на високото образование, во извештајот се посветува внимание на новиот Закон за високо образование, усвоен во мај минатата година, за кој се наведува дека предвидува основање на Национален совет за високо образование и Одбор за акредитација и за евалуација на високото образование.

- Земјата продолжува активно да учествува во програмата Еразмус+ и е на исто ниво со земјите-членки на ЕУ во овој аспект. Во 2018 година имало 602 студенти што биле вклучени во таквите програми на размена - стои во извештајот.

Во делот за културата споменати се многубројните критики за Министерството за култура поради исплатата на финансиите во рамките на Годишната програма за проекти од значаен национален интерес.

- Капацитетот на Министерството за култура треба да биде дополнително зајакнат за да може културните и креативните сектори да придонесат за општествен развој и да ја зголемат толеранцијата меѓу заедниците - порачуваат од ЕК.

Целосниот извештај можете да го прочитате тука.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование