05.02.2024
Живот
Почна штрајкот во ФЗО, се извршуваат само најитните работни задачи
Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) стапија во штрајк. Сите подрачни единици, како што беше најавено, денеска нема да извршуваат работни задачи, освен оние најитните.
- Револтот кај вработените е огромен. Штрајкуваат и оние што се во други синдикати. Не бараме ништо повеќе, ами само да ни останат платите во висина како што беа со декемвриската. Штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов, вработените во ФЗО немаат плата - рече претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО, додаде дека досега нема пријавено никакви инциденти, ниту проблеми.
- Граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме - нагласи тој.
На прашањето што од денеска нема да добиваат граѓаните, кои услуги се скратени, тој додаде граѓаните да не се мачат воопшто да доаѓаат за барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомест за породилно, за надомест за исплата на боледување, за осигурување во странство, за двојазичните обрасци и така натаму.
Извор: МИА