X
 31.01.2023 Живот

Повеќе од 120.000 наставници во Британија ќе штрајкуваат утре поради децениското стагнирање на платите

Наставничката Луси Престон од Лондон ќе го пропушти четвртиот роденден на нејзиниот син бидејќи мора да работи втора работа како приватен тутор затоа што учителската плата не ѝ стигнува за основните трошоци за живот.

Затоа, оваа самохрана мајка и наставничка одлучи да им се приклучи на повеќе од 120.000 наставници и да почне да штрајкува, во надеж дека властите ќе имаат слух и ќе ја зголемат платата на просветните работници.

Наставниците низ Англија и Велс ќе почнат штрајк утре поради платата која не им е променета една деценија. Многумина од нив се одлучуваат да работат уште една работа или целосно да ја напуштат професијата.

- Ако заработував доволно пари за да не морам да бидам приватен тутор, ќе имав многу посреќен живот - вели таа.

Стотици илјади други работници, вклучувајќи го и железничкиот персонал и државните службеници, ќе излезат на штрајк утре и тоа  ќе биде најголемиот штрајк во Британија во последните неколку децении, според опсегот на индустрии што ќе бидат вклучени.

Националниот синдикат за образование, кој ги организира штрајковите на наставниците, побараа покачување финансирано целосно од Владата за да можат училиштата да покриваат и други трошоци, од материјал до учебници.

Со оглед на тоа што инфлацијата достигна двоцифрена бројка минатата година, наставниците забележаа намалување на реалните плати за 23 отсто од 2010 година, велат од синдикатот.

Владата, која водеше неуспешни разговори со националниот синдикат за образование, го нарече покачувањето од 5 отсто највисоко во една генерација и најави дека ќе инвестира над 4 милијарди евра во училиштата во следните две години.

Националниот синдикат за образование, кој планира седумдневен штрајк, изјави дека секој четврти наставник ја напушта професијата во рок од три години од квалификацијата, што влијае врз образованието на децата. Голем дел од училиштата мораа од свој џеб да ги исплаќаат платите на наставниците, па така училиштата немаа пари за учебници, надградба на ИТ-опрема и училишни патувања.

- Се намалуваат екскурзиите, не се посетува британскиот музеј и децата не одат да гледаат и да искусат различни работи. Тоа значи дека училишните предмети стануваат стерилни - вели Стив Чалк, основач на добротворната организација „Оазис“ која раководи со повеќе од 50 училишта низ Британија.

Премиерот Риши Сунак сака да ги прошири програмите по математика во училиштата, но од синдикатот велат дека неговиот план нема да успее со оглед на тоа што недостигаат наставници, а тоа значи дека еден од осум часа по математика се одржува од наставник неквалификуван по предметот.

Извор: Reuters
Фото: Freepik
Reuters
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот