И оваа година Ромите се запоставени од официјалното одбележување на 70-годишнината од Холокаустот организирано од страна на Обединетите Нации во Њујорк. Организациите на граѓанското општество ширум Европа се загрижени поради анти-циганизмот вкоренет во Европа и неговата манифестација во општиот недостаток на вклучување на Ромите во Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На 28 Јануари 2014 година, веднаш по официјалната комеморација која што се случила на 27 јануари голем број на невладини организации ширум Европа започнаа со потпишување на петицијата за барање на пет минитен говор од Ромски говорници и Роми кои што го преживеале Холокаустот во официјалната церемонија за Сеќавање на Холокаустот организирано од страна на Обединетите Нации во Њујорк, но нивното барање било одбиено со образложението “немаме доволно време да ги вклучиме”. И оваа година ситуацијата е непроменета, Ромски говорник нема да има и покрај притисокот и околу 2. 000 потписи на петицијата испратена до официјалните претставници на ОН господин Бан Ки-Мун, Генералниот секретар на Обединетите Нации, Госпоѓа Кимберли Ман, Менаџер на UN Holocaust Outreach Programme. По тој повод невладините организации преку официјално писмо се изјаснуваат за третманот кој што го добиваат Ромите години наназад.
„ Сосема е соодветно и морално императивно, да преставници Роми бидат вклучени во официјалното одбележување на 70-годишнината од Холокаустот, како и во сите комеморации во иднина. Обединетите нации и Универзалната декларација за човекови права постојат во голем дел, поради жртвите на Холокаустот, вклучувајќи ги и Ромските жртви. Обединетите Нации треба да водат сметка кога станува збор за правилно одбележување на Холокаустот, без бирократско разрешување на барањата на оние кои што бараат признавање на своето заслужено место во историјата. “ – се вели во официјалното писмо на невладините организации, потписнички на писмото.
Мустафа Јакупов, директор на невладината организација ( која исто така е потписничка на официјалното писмо ) „ Регионална Ромска младинска аосцијација “ од Кратово, смета дека ваквиот однос само продонесува кон зголемување на дискриминацијата врз Ромите. Вели дека промената лежи во соработката со надлежните институции, како и признавање на Ромскиот геноцид.
„ Ситуацијата може да се промени доколку имаме официјално признавање на Ромскиот геноцид кој до сега само Германија и Полска го имаат Признаено, а мислам дека и Албанија како држава ќе се придружи кон нив. Сметам дека доколку работиме заедно со институциите на овој проблем, и додадеме една реченица повеќе во учебниците по историја за Ромскиот геноцид, ситуацијата би можела да биде променета. Потребно е да има кохезија по однос на ова прашање помеѓу сите инволвирани страни, бидејќи не смееме да дозволиме да бидеме отпишани од историјата.“ – вели Мустафа Јакупов.
Невладините организации во официјалното писмо се изјаснуваат дека вклученоста на Ромите при самата комеморација е повеќе од потребна. Сметаат дека со овој чин само се укажува на социјална исклученост и говор на омраза против Ромите денес.
„ Ние не можеме да прифатиме дека лекцијата од холокаустот се уште не е научена. Ние не можеме да прифатиме да бидеме отпишани од историјата. Мора да се просветли Ромскиот Геноцид, кој брои повеќе од 500,000 жртви. Да се просветли и социјалната исклученост, анти-циганизам и говорот на омраза против Ромите денес, кои се последица на широко распрастреното незнаење и недостатокот на признавање на Ромскиот геноцид.“ – се вели во официјалното писмо на невладините организации, потписнички на писмото.
Аушвиц, Биркенау, Јасеновац, Треблинка, Матхаузен, Дахау се меѓу 85 логори на смртта, во кои биле уништени шест милиони Евреи, но и Роми, Словени и противници на нацистичкиот режим. Меѓународниот ден се одбележува на 27 јануари со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации од 2005 година, затоа што на тој датум во 1945 година најголемиот нацистички логор на смртта, Аушвиц – Биркенау, бил ослободен од војниците на тогашниот Советски сојуз.
Оваа година се одбележува 70-годишнината од ликвидација на "Zigeunerlager" ("Цигански камп"). На 2 август 1944 година, 2 897 постари мажи, жени и деца, припадници на Синти и Роми, во т.н. "Цигански Камп" во Аушвиц-Биркенау, беа убиени во гасни комори. Ова беше почетокот на “конечното решение” на Ромското прашање". Намерата на Нацистите беше да ги истреби Ромите во целост. На 15 мај 1944 година, директорот на "Циганскиот Камп" Untersharfuehrer SS Георг Bonigut нареди Ромските затвореници да останат во своите касарни/бараки. Следниот ден, 16 мај 1944, SS мажи го опкружиле логорот и се обиделе да ги принудат затворениците надвор од касарните/барките, но не успеале да го сторат овој чин. Плашејќи се од жртви, нацистите се повлекле кога се соочиле со бунт од страна на Ромските деца, мажи и жени, во чии редови се вклучиле значителен број на Вермахтот (Wehrmacht) ветерани. Нацистите се исплашиле овој бунт да не се прошири и во другите делови на кампот, поради тоа “Конечното решение” за “Циганскиот камп” било одложено до 2 август 1944.
Останува да се расветли причината поради која што и оваа година Ромите беа лишени од правото на говор за време на официјалната церемонија за Сеќавање на Холокаустот организирано од страна на Обединетите Нации во Њујорк. Изјавите на Обединетите нации во однос на геноцидот се многубројни. И покрај големите факти, Ромите останаа недоволно претставени, со што се продолжува да бидат оставени настрана за време на комеморациите на Холокаустот.
European Roma Grassroots Organization (ERGO) Network – Брисел, Белгија, European Roma and Travellers Forum (ERTF) - Стразбург, Франција, R.R.O.M.A. - Кратово, Македонија, Roma Active Albania –Тирана, Албанија, Slovo 21 – Прага, Република Чешка, Integro Association – Разград, Бугарија се само дел од невладините организации кои што го потпишаа официјалното писмо во знак на револт и негодување заради обезвреднувањето на гласот на Ромите од страна на Обединетите Нации.
Автор: Сунаи Сабриоски