X
 08.02.2015 Образование

Кога казната станува водечки педагошки пристап



За да поставиме паралела помеѓу основите на педагогијата и новите законски „решенија“, најнапред ќе мора да појасниме нешто за основните принципи на педагогијата - науката за воспитување на децата и младите.

Педагогијата е наука која нуди модели на воспитување на личноста на поединецот кој живее и делува во одредени општествени услови и со своето дејствување учествува во развојните процеси на општеството. Притоа, таа поставува модели и образци како да го направиме тој процес на воспитување целеисходен и како да создаваме луѓе кои во тој општествен развој ќе ги промовираат вистинските вредности. Педагогијата, во центарот на своето учење, го става детето, поаѓајќи од неговите интереси и желби. Во тој контекст, основната цел на секој образовен систем, низ воспитно образовниот процес, е градење личности кои ќе го разберат светот во кој живееме и создаваме, светот во кој дејствуваме низ различни облици на социјално живеење,и светот во кој различноста (по било кој основ:национална, етничка, расна, верска...) е основа за промовирање на толеранцијата и темел за промоција на универзалните вредности.

Образувањето (еден од елементите на процесот на образование и воспитание) на децата и младите подразбира откривање на научните законитости кои не се утврдени еднаш засекогаш, туку се во постојано движење, откривање, менување, развој. Во таа смисла, наставникот е должен (тој има професионална и морална обврска) на ученикот на му овозможи еден широк поглед на науката, да го научи дека науката и техниката се развиваат секавично брзо и дека тој треба да истражува, пронаоѓа и создава следејќи го тоа темпо и гледајќи го светот со широчина на научник. Ученикот, кој сме го научиле дека зборот „неможно“ е непознат на науката, може да ги насочи своите знаења кон откривање нови научни законитости.

Воспитувањето, вториот елемент на воспитно образовниот процес, е особено важен за создавањето на ставовите и принципите според кои ќе дејствуваат во животот. Процесот на поучување, како благородна мисија, му припаѓа на учителот (според источната филозофија, учител може да биде само оној кој длабоко ја спознал филозофијата на животот и светот во кој живее).Токму тој процес на поучување, според основните педагошки принципи, треба да е заснован врз уважување и мотивација.

Во самата синтагма - воспитно образовен процес, се крие суштината на предметот на педагогијата: процесот на поучување, воспитување на личноста. Основните начела на педагогијата, се темелат врз позитивните модели на однесување, градење односи со околината засновани врз почит, уважување, толеранција, поттик, мотивирање. Во одредени случаи, педагогијата повикува на „превоспитување“ или преиспитување на ставовите и градење нови, а само во исклучителни случаи на примена на казна, како последна педагошка мерка пред исцрпување на претходните методи на воспитување.

(Kазната и процесот на воспитание и образование)

Преку набрзина усвоените законски измени кои се однесуваат на воспитно образовниот систем во Р.Македонија и наставниците како втемелувачи на знаењата,умеењата и вештините, но пред сé ставовите и вредносниот систем, наставникот сега е во дилема по прашањето за темелите врз кои почива нашиот систем на образување и воспитување. Ако општеството (преку владините образовни политики) ја промовира репресијата во тој систем на воспитување и образување на младите, репресијата како инструмент да го „дисциплинира“ наставникот кој е „проводник“ на општествениот вредносен систем, тогаш прашувам: Како е можно да ги исполниме воспитно образовните цели, зацртани во званичните документи (Национална стратегија за развој на образованието, Законите за образование на сите нивоа, наставните планови и наставните програми) и да промовираме демократски вредности? Свесни ли сме колкава контрадикторност има помеѓу целите и очекувањата? Но, да почнеме со ред.

1. Како главна цел на Националната програма за развој на образованието (2005-2015), цитат:„ Министерството за образование и наука на Република Македонија има општествена одговорност да создаде услови за унапредување на образованието и можности за зголемување на добросостојбата на граѓаните. Последиците од активностите што ги презема Министерството се долгорочни и силни и имаат директно влијание врз животот на секој граѓанин.Условите и можностите за превенција и компензација што Министерството ги создава на планот на образованието и обуката, истражувањето, развојот и афирмацијата на културните вредности се од суштинско значење за животните определби на младите и возрасните“. (МОН,Скопје,2004)

Сега логично се поставува прашањето: Кој е компетентен да даде одговор на степенот на исполнување на зацртаните цели? Ако за работата на наставниците релевантни извори на податоци, при интегралните увиди од страна на Државниот просветен инспекторат се: учениците, родителите, колегите, директорите, тогаш сосема логичен е одговорот дека за степенот на исполнување на стратешките цели за развој на образовниот систем, во период од десет години се: учениците, студентите, наставниците, професорите, родителите, инспекторите, советниците и сите граѓани на нашето општество, а низ процесот на самоевалуација, би требало и изработувачите на Националната програма.

За „Општествената одговорност која ја има Министерството за образование и наука, да создаде услови и можности...“ ако ги прашате родителите дали се задоволни од условите и можностите во училиштата за зголемување на добросостојбата на граѓаните, многу веројатно одговорот ќе биде дека во училиштата нема услови и можности...и дека добросостојбата некако не ја чувствуваат.

Дека „Последиците од активностите што ги презема Министерството се долгорочни и силни и имаат директно влијание врз животот на секој граѓанин“ веќе почувствувавме. Најпрвин учениците, потоа наставниците, па родителите и на крај сите граѓани (зашто сите се производ на образовен систем, зашто нивните деца се образуваат во тој систем, зашто образовните модели се и општествени модели за промоција на вредности). Тука само би требало да се потенцираа последиците кои ги трпат учениците, наставниците и родителите:

- Заради осмислен погрешен концепт на екстерен национален тест (единствен модел во светот - проверка на сите генерации, секоја година), кој е основа за вреднувањето на државата на успехот на учениците и квалитетот на работата на наставниците(?!) И токму поради оценката од екстерно тестирање, голем број ученици беа спречени да се запишат на одредени факултети (пр: заради одреден промил во пресметување на успехот на кандидатите, многу матуранти не се запишаа на студии по медицина). Прашањето е : Кој ја сноси одговорноста за секој поединечен случај кога ученикот е оштетен?

- Наставникот пак (оној кој е пренесувач на личните и општествени вредности), врз погрешно осмислениот систем на екстерна проверка, е вреднуван, оценуван, платен. Врз основа на истиот тој погрешен систем на екстерна проверка, на наставникот ќе му зависи задржувањето на работното место (две лоши оцени по ред од резултатите од екстерна проверка на учениците) и неговиот кариерен развој. Исрено се прашуваат наставниците има ли јунак во Македонија кој ќе ги исполни условите за наставник-советник?!

- Родителите, оправдано, ги трпат последиците од сите погрешни образовни политики заради несреќата на нивните деца.

- И конечно, општеството трпи несогледиви последици по нашата иднина, а тоа се младите, кои треба да го градат тоа општество.

2. Целите на Законот за основно образование (член 3):

Член 3

Целите на основното воспитание и образование се:
- стекнување општи и применливи знаења што се потребни во секојдневниот живот или за натамошно образование,

- хармоничен, интелектуален, емоционален и социјален развој на учениците соодветно со нивните способности,

- развивање на писменоста и способностите на учениците за разбирање, информирање и изразување на македонски јазик и неговото кирилско писмо,

- развивање на писменоста и способностите на учениците за разбирање, информирање и изразување, покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо, и на јазик и писмо на припадниците на заедниците кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик,

- развивање самодоверба и свест кај ученикот за сопствената индивидуалност и одговорност за своите постапки,

- воспитување за меѓусебна толеранција, соработка, почитување на различноста,основните човекови слободи и права,

- развивање свест кај учениците за припадност на Република Македонија и негување на сопствениот национален и културен идентитет,

- воспитување за општи културни и цивилизациски вредности кои произлегуваат од светските традиции,

- усвојување општи и применливи знаења кои овозможуваат самостојно креативно дејствување во општествената и природната околина и развивање способности за расудување и за изразување во уметноста и културните традиции,

- развивање на способности за истражување, експериментирање и решавање на проблеми,

- вклучување и водење грижа за развојот на учениците со посебни образовни потреби,

- развивање на надареноста на учениците во различни области и

- унапредување на здравиот начин на живеење и воспитување за преземање одговорност за сопственото здравје и за заштита на животната средина.

превземено од: http://bro.gov.mk/docs/zakonodavstvo/osnovno/osnovnoto_obrazovanie_103_19082008.pdf
,

Ако општите воспитно образовни цели се стекнување знаења,способности,но и градење принципи засновани врз взаемна почит кон различностите, толеранција, почитување на основните човекови права, промоција на демократски вредности, тогаш зошто во системот на воспитание и образование се промовира принципот на казнување?

Од кога казната станува примарниот педагошки пристап? Државата (Власта) го казнува наставникот, државата го казнува ученикот, државата го казнува општеството. Независно од власта (таа е менлива категорија), воспитно образовниот систем е оној кој на долг рок ги определува вредностите во воспитно образовниот процес и воопшто, вредностите во општеството.

Ако наставникот секојдневно тргнува на работа со чувство на одбивност од можноста да биде казнет (заради бирокрастски задолженија, „погрешно“ оценување и.т.н.), ако самиот не ја чувствува демократијата таму каде што треба да се промовира( во училштето), како да ги поучува младите на демократски вредности?

Оправдано, наставникот денес се прашува: На што да ги учи децата и младите? На тесногледост и ограниченост во спознавањето на светот? На покорност и послушност? Онака како што државата го почитува делото на наставникот и така го вреднува?

На промоција на репресија и употреба на казни како прв и основен механизам за усвојување знаења, ставови и погледи како да го градиме животот и општеството? Дека казната е најдобриот механизам во создавањето лична и општествена благосостојба?

Наставните планови и програми исто така ги содржат општите воспитно образовни цели. Но сé е залудно ако на хартија се промовираат овие цели и задачи кога во пракса пораката е дека само казната дава резултат.

За жал, ние сме лидери во многу нешта во светот. Измисливме систем на екстерна проверка на знаењата на учениците кој го сфативме како ЕДИНСТВЕН инструмент за постигнувањата на учениците и квалитетот на работата на наставниците. Измисливме уникатен начин на водење администрација во образовниот процес. Измисливме скала за кариерен развој недостижна за еден практичар. Измисливме систем на награди и казни единствен во светот. Време е да ја измислиме новата наука ПЕДАГОГИЈА, оваа нашата, македонска, која во својата основа, како темелен принцип за поучување ја има казната.

Биљана Димковска
Проф. по македонски јазик и книжевност


Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование