Секоја помош е добредојдена додека сте студент. Имаме среќа што живееме во време на апликации и слични технолошки алатки кои се создадени за да ни помогнат во студирањето и, генерално, во животот. Ѕирнете ги овие неколку.
„Wakerupper“
Ова е апликација која ве буди со повик. Одлична е за денови кога имате важни испити и најмалку што сакате е да се успиете.
„Lighthead“
Многу студенти не купуваат книги доколку се достапни дигитални верзии од истите. Знаете дека доколку читате долго време и не допрете ниту едно копче од тастатурата или не го допрете глувчето, компјутерот ќе „заспие“. Оваа апликација го спречува тоа. Но, достапна е само за „Мас“.
„Self-Control“
Оваа апликација ќе ви помогне да останете настрана од интернет-страници кои ви го одземаат вниманието за време на учењето. Повторно, достапна е само за „Мас“.
„ColdTurkey“
Ова е иста апликација како „Self-Control“, но за „Windows“.
„Focusbar“
Апликацијата ве потсетува дека треба да работите нешто доколку започнете да правите нешто друго. Таа ви помага да се фокусирате само на една работа сè додека не завршите. Но, достапна е само за „Мас“.
„WrittenKitten“
Апликацијата за пишување есеи или семинарски работи ви дава позитивна поддршка на секои 100 напишани зборови. Со позитивна поддршка мислиме на убава слика од маче, зајче или кутре.
„Write or die“
Оваа апликација го прави обратното од „Written kitten“. Оваа го мери времето кое сте го одредиле за пишување. Доколку не успеете во целта, добивате страшна слика.
„ilys“
Апликацијата не ви дозволува да видите што сте напишале сè додека не стигнете до бројот зборови кој сте го одредиле како почетна цел.
„Hemingway Editor“
За англистите, оваа апликација го чисти текстот за вас. Не зборуваме за граматички грешки, ами буквално ви кажува кои реченици се предолги и кои зборови треба да бидат променети.