X
 22.03.2015 Образование

Наставникот излезе јавно да каже СТОП ЗА ЛОШИТЕ РЕФОРМИ!

Денес, после долго време, наставникот излезе јавно да каже СТОП ЗА ЛОШИТЕ РЕФОРМИ!

 

Со нашето присуство, со нашиот јавно кажан збор, збор на слободна критичка мисла за подобро образование, покажавме дека сме предводници во борбата за градење подобар образовен систем.

За Наставнички пленум, ова е сериозен исчекор во она што се нарекува јавно спротивставување на образовните политики и јавен повик за мораториум за насила донесените Закони за основно и средно обарзование, Законот за наставници и Законот за Академија на наставници.

Со една емисија во медиумите и денешниот протест, ние го свртевме вниманието на граѓанската јавност која допрва ќе го каже својот став. Но ставот на раководството на СОНК за нас- членовите на НП кои истовремено сме и членови на СОНК, е целосно нејасен. Ова заради тоа што наместо поддршка, СОНК, заради својата немоќ за заштита на правата и интересите на наставниците, изразува страв и демонстрира подготвеност за етикетирање и обвинување на своите членови дека бранат политички туѓи интереси.

Ваквиот став на СОНК за наставниците е целосно неприфатлив и е во насока на преиспитување на потребата од членување во синдикална организација која опстојува благодарение на чланарината од членството, а повеќе од две децении носи одлуки кои не се во интерес на членството.

Наставниците, свесни дека се оставени сами на себе, најдоа начин на здружување и организирање во пленум и сите заедно ќе работат на остварување на своите права и интереси.

Затоа, ние – наставниците Пленумци, ги повикуваме јавно сите наставници, ученици, студенти, професори, родители, граѓански здруженија, да изразат поддршка во оваа наша борба за подобро образование!


Демант на изјава на СОНК за денешните протести на наставниците

Наставничкиот пленум најостро го осудува обидот за етикетирање од страна на СОНК денешниот протест да се обои партиски. Потсетуваме дека голем дел од членовите на НП се и членови на СОНК и раководството не смее да си дозволи со паушални соопштенија да атакува врз сопственото членство. Исто така, потсетуваме дека техниката со која во моментов се служи раководството на СОНК најмногу наликува на тактика која партиите ја користат во секојдневното препукување во недостиг на аргументи и конструктивна дебата и затоа апелираме наместо да заокружуваат да се посветат на подобрување на условите за работа на наставниците и учениците и да го прифатат нашиот став и мислење, што е одлика на едно демократско општество.

Со почит, Наставнички пленум

Наставнички пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование