Финска е иновативна земја кога се работи за образованието. Заедно со Јужна Кореја, таа го има најдобриот образовен систем во светот според последните статистики и мислења на експертите. Финска постојано е помеѓу најдобрите земји кога се работи за резултатите од Меѓународните оценувања на учениците. Што е она што тие го прават различно?
Подобри тестирања
Учениците во Финска полагаат само еден државен тест за време на основното и средното образование. Се работи за државна матура која се полага на крајот од образованието, а истата се оценува од професорите, не од компјутери. Следува едно типично прашање од државната матура во Финска:
„На кој начин среќата, добриот живот и благосостојбата може да се гледаат како етички концепти?“
Учениците честопати треба да одговорат на прашања во врска со еволуцијата, губењето работа, лошата исхрана, политичките проблеми, насилството, војната, етиката во спортот, дрогата, сексот и популарната музика.
Повеќе време за игра
Учениците во Финска трошат малку време на домашната работа, покажува Организацијата за економска соработка и развој преку истражување во 2014 година. Според резултатите, финските ученици трошат 2,8 часа неделно на домашна работа.
Финците оставаат простор за слободно време и забава. Професорите и наставниците законски се обврзани да им дадат пауза од 15 минути на учениците по 45-минутен час.
Студирањето е бесплатно
Освен додипломските студии, во Финска бесплатни се и магистерските и докторските програми. Студентите може да се запишат на студиите кои ги привлекуваат без да се грижат за финансиите. Студирањето е бесплатно и за странските студенти.
Понапредна наставна професија
Во Финска, предавањето е една од најпочитуваните професии. Но, секој не може да стане наставник или професор. За учество во образовната програма се прима просечно еден студент од десетмина. Наставниците и професорите во Финска се третираат како универзитетски професори. Тие имаат помало работно време во споредба со останатите наставници ширум светот и повеќе време посветуваат на планирање на часовите.
Освен тоа, тие се добро платени. Просечниот наставник во Финска добива годишна плата од 43.000 американски долари.
Се чини дека може да учиме многу од финскиот образовен систем.