X
 17.07.2018 Живот

По пензионирањето одлучил да заврши средно, а сака да оди и на факултет

Седумдесетгодишниот Мароканец Лехасан ес-Шакири одлучил по пензионирањето да се врати во школските клупи и да го заврши средното образование.

Лошата материјална состојба го натерала да прекине со образованието и да почне да работи. Сепак, љубовта кон училиштето била посилна, па тој одлучил да се врати на настава откако ќе оди во пензија.

Приемниот испит за средно го полагал во Тингир, а сега ги чека резултатите. Се надева дека еден ден ќе има можност да се запише на факултет и да студира социологија.

Шакири е најстариот кандидат што го полагал приемниот испит. Тој додава дека во 2014 година добил диплома за завршено основно образование, а во изминатите четири години учел сам од учебници. Има намера да заврши средно училиште за возрасни, а потоа и да студира.

Шакири во текот на животот работел разни работи, живеел во Франција, каде што во текот на денот работел за да може да заработи нешто за фамилијата во Мароко, а потоа одел во вечерно училиште. За тоа време постојано читал книги и списанија.

-Дури и кога се оддалечив од училишните клупи не се откажав од читањето и учењето. Сакам да читам. Иако заработував малку, купував книги. Направив мала библиотека на арапски и на француски јазик. Љубовта кон читањето и учењето ми ја пренесе еден Французин. Тој ми овозможи по завршувањето на работата да одам на часови по француски јазик, а ми даваше и книги и романи на француски јазик - објаснува Шакири.

Додека бил во Франција, живеел во град во близина на германската граница, па имал можност да учи и германски. Откако се пензионирал, решил да се врати во татковината.

- Науката зазема важно место во животот на човекот. Велат дека треба да се учи од колепка до гроб. Човекот секогаш може да се школува, без оглед на тоа за кој дел од животот станува збор. Потребно е само да сакате и да истраете - вели Мароканецот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот