X
 17.05.2015 Култура

Рецензија на книгата "Ана Каренина" - Лав Толстој

ana

 

Што е тоа кај книгата „Ана Каренина“ што му дава посебен статус и што ја вметнува меѓу големите романи? Зошто оваа сензационална романтична трагедија од високото царско општество од 19 век, напишана на навидум обичен и едноставен стил низ 900 страни, се`уште предизвикува возбуда и почит кај читателите?


Наместо да бара метафори со кои ќе се опишуваат нештата, Лав Толстој бара прецизни зборови за да ги опише ситуациите, местата и ликовите. Наместо да користи крајно субјективен и модерен начин на искусување на настаните од гледна точка на еден лик, Толстој се обидува и успева да навлезе во потсвеста на повеќе ликови, и поважни и поневажни.

Тој не верува во „покажи но не кажувај“. Тој сака да покаже и сака да каже. Раскажувачот, нараторот на книгата е сезнаен глас без форма кој нема потреба да ја оправдува својата улога. Во книгата не постои прво лице или слободен индиректен говор. Дури и тогаш кога „навлегуваме“ во главата на еден лик, токму нараторот ги раскажува искуствата на ликот преку слободната употреба на фразите како „таа помисли“ и „таа почувствува“.

Толстој создава простор за независноста на нараторот - нараторот е доволно блиску до ликовите за тие да се потпрат на неговото постоење, и доволно слободен да прикаже конкретна пресуда за нивните постапки, и да ни каже работи за нив кои ни тие самите не ги знат. Најмоќните делови од книгата се оние во кои Толстој го успорува времето за да ја прикаже секоја мисла, гест и чувство на Ана и нејзиниот љубовник Вронски.

Магијата се раѓа во мајсторијата на Толстој кој успева да ги спои заедно времето, просторот и јазикот во еден единствен момент во средината на книгата, кога сопругот на Ана, Алексеј Каренин, и нејзиниот привлечен млад љубовник, се среќаваат покрај креветот во кој Ана лежи тешко болна после раѓањето на детето чиј татко е Вронски. Погоден од тагата и посрамен, Вронски го покрива неговото лице со рацете; но, Ана му наредува на Алексеј да му ги тргне рацете и да го открие лицето на Вронски и со тоа да го покаже лицето на својот сакан. Со оваа постапка Ана предизвикува пресврт во статусот на овие двајца мажи. Вронски, кој го презираше Карерин бидејќи не сака дуел, сега е понижен и обесчестен; Каренин преплавен со прошка за сите, повторно ја добива почитта од Ана. Во тој момент, момент кога Ана навидум умира, трансформацијата е прилично реална. Меѓутоа, со текот на времето, работите се враќаат во нормала - Ана продолжува да го мрази Алексеј, додека Вронски се обидува да се самоубие (но промашува). Бродот на Ана продолжува да тоне. Во романот не постојат пресвртни точки, туку само точки низ кои ликовите патуваат.

Ана Каренина не е приказна од видот на Ромео и Јулија, за тинејџери неправедно уништени од суровите закони на нивните семејства, туку приказна во која возрасните преминуваат тешки граници. Ова е портрет на судир меѓу стариот свет на цврсти религиозни кодови, дуели, наместени родови улоги и строга поделба на класите и новиот свет на разводот, разделувањето, битки за старателство, самоопределувањето на жените и неизвесните морални правила.

Љубовта на Ана кон Вронски претставува благородна афера, меѓутоа Толстој не успева да повлече јасна линија меѓу сексуалната слобода и сексуалната алчност. Тој гледа напред кон ерата во која живееме денес, кадешто е убиен земјот на сексуалната репресија и преовладува сексуалната слобода, и ера во која се`уште се немаме ослободено од причините поради кои Ана се фрли под воз. Една жена и ден денес се мажи за човек кој не го сака, се`уште чувствува срам и вина поради тоа што имала љубовна афера со друг човек, се`уште го мрази сопругот кој и` простил и се`уште губи старателство над нејзиниот син. Таа се`уште се соочува со фактот што луѓето за кои мислеше дека и` се пријатели застануваат на страната на нејзиниот маж, и се`уште мисли дека човекот за кого го остави мажот и`, и кого го сака искрено и страсно, не може да ја разбере.

Веројатно Толстој ја пишувал книгата додека бил фатен меѓу страста и само-одрекувањето, меѓу љубовта кон неговата сопруга и досадата која таа ја преидзвикува. Токму затоа може да се забележи двоен портрет кај Ана Каренина - од истрошената Доли, каква што била неговата жена додека ја пишувал книгата, како енергичната Кити, каква што била неговата жена кога се оженил за неа. Се чини дека се контрадикторни едни со други, меѓутоа секоја си остана верна на самата себеси во своето време; и толстој, кој е господар на времето, беше само роб на вистината.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура