X
 22.05.2015 Образование

Нашите наставници треба да покажуваат што се случува во нивните училници

Марија Петреска предава англиски јазик училиштето „Христов Узунов“ во Другово, кичевско. Таа секојдневно на својот профил на Фејсбук ги објавува активностите со учениците на часовите. Последна нејзина објава е како нејзините ученици разговараат преку Скајп со своите врсници во Нигерија.



Петреска важи за креативен наставник, кој активно користи ИКТ во наставата. Таа неодамна учествувала на Глобалниот форум на „Мајкрософт“ каде добила и награда. Исто така пред неколку месеци го освоила и првото место на натпреварот „Вешто користете го вашиот таблет“. Во ова интервју за „Факултети.мк“ таа зборува за нејзините ангажмани и за работата со учениците.

Од каде идејата да се поврзат нашите ученици со нивните врсници во Нигерија?
„Mистери Скајп“ е едукативна игра измислена од наставници и се игра помеѓу две одделенија преку Скајп. Целта на оваа игра е да се погоди во кој дел од светот се наоѓа училницата поставувајќи само да/не прашања. Ние имавме малку поинаков „Mystery Skype” од стандардниот, каде прашањата се обично за тоа каде на земјината топка се наоѓаат на пример, Дали сте на северна хемисфера? И во нашиот прашањата беа на пр. Дали носите чизми во зима? Имате ли темен тен? Моите шестоодделенци беа толку внесени во играта што заборавија на одморот и продолжија да разговараат со дечињата од Нигерија и на следниот час. Постои една стараница која се вика „Skype in the Classroom" каде наставниците може да се регистрираат и да најдат наставници од цел свет со кои би се поврзале на Скајп час. Ние сме имале вакви часови и порано. Една наставничка од Америка пред три месеци организираше 24 часовен Скајп и нејзините ученици цели 24 часа се поврзуваа на секој половина час со училишта од цел свет и прашуваа за тоа како учат да читаат, па како учат математика, како доаѓаат на училиште, како изгледаат нивните училишни оброци и кои се знаменитостите во таа земја. Ние бевме првото училиште со кое се поврзаа. А пред два месеци на светски форум во Дубаи бевме дел од презентацијата за училницата од иднината каде ученици од цел свет се поврзуваат. Разговаравме со деца од Дубаи и Мароко истовремено.

Неодамна присуствувавте на Глобалниот форум на „Мајкрософт“ во Сиетл каде што ималo 250 наставници од 90 земји во светот, а вие сте биле единствена Македонка. Што се случуваше таму?
Тој форум се одржува секоја година и секоја година најдобрите наставници од цел свет имаат можност да ги споделат своите искуства и да научат едни од други за најдобрите практики. Оваа година се одржуваше во кампусот на „Мајкрософт“ во Редмонд, Сиетл и меѓу присутните беа над 250 наставници од над 90 земји од цел свет, тимот кој работи на OneNote за образование, тимот на Office Mix, на Sway. Јас бев во улога на презентер заедно со Теми Данбар наставничка од Америка зборувавме за нашите искуства во училницата со најновата алатка за презентирање Sway. Беше едно незаборавно искуство и она што најмногу ми остави впечаток беше предизвикот кој ни беше зададен. Сите наставници бевме поделени во тимови и секој тим се состоеше од членови од различни земји. Во мојот тим имаше наставници од Јапонија, Шведска, Нигерија, Австралија, Рисија и јас.


Предизвикот беше да смислиме и креираме активност на тема храброст. Нашата идеја беше да ги донесеме сите деца од сите бегалски кампови во светот во нашата училница преку скајп. Но требаше да се изработи детален план од набавка на компјутери со соларни батерии до интернет со балони и прибирање парични средства. Се работеше 24 часа и последниот ден имавме 5 минутна презентација пред судии. За жал нашиот проект не беше меѓу наградените. Сепак си заминав со награда. Бев меѓу десетте наставници со најдобра Office Mix презентација. И навистина наставниците кои присуствуваа на форумот беа најдобрите од нивната земја. Научив многу од нив и се поврзав со луѓе од цел свет со кои соработката продолжува. Јас сум една од наставниците вклучени во една експериментална програма на „Мајкрософт“ што би значело дека ќе соработувам цела година со овие луѓе. Минатата недела добивме покана од училиште од Флорида да го прошириме нашиот проект инфографици и да работиме со нив. Дел од нив беа на форумот и беа инспирирани од нашата работа. Една наставничка која живее и работи во Редмонд и која ја знам само од социјалните мрежи дојде да се запознаеме и ме покани во нејзината училница што беше нешто незаборавно. Имав можност да посетам вистинско американско училиште и не само тоа туку и да држам час. Цела таа недела во Редмонд беше нешто што ќе ти се случи еднаш во животот.

Што им недостига на нашите наставници?
Jас имам поминато толку многу обуки што мислам дека наставниците од Македонија генерално се во тек со сите трендови во образованието и дека нема наставник кој не употребува современи методи, кој не истражува и кој не се обидува да внесе нешто свежо во својата училница. Единственото нешто што недостига мислам е отвореноста. Мислам дека недостигаат повеќе блогови на кои наставниците секојдневно би зборувале за тоа што се случува во нивните училници. Само така ќе може да се поврземе со светот зошто она што го правиме ние го прават сите со некои нијанси и ако ја има таа отвореност тогаш би можеле да учиме едни од други.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование