Мигрената е речиси невозможна да се елиминира откако ќе започне. Затоа е подобро да ја спречите. Многумина денес страдаат од хронична мигрена, што значи дека имаат главоболка осум или повеќе пати месечно. Мигрената може да ви го уништи денот.
Докторите од медицинскиот центар на универзитетот „Џон Хопкинс“ препорачуваат промена на животниот стил за ослободување на главоболките и спречување на состојба на мигрена. Меѓу другото, се препорачува следново:
Добар сон
Лошите навики во спиењето може да ја предизвикаат мигрената. Се препорачува заспивање и будење во исто време секој ден, опуштена атмосфера во спалната соба, која треба да биде темна и тивка, а креветот да се користи само за спиење, не и за читање, гледање ТВ и слушање музика. Пред спиење да се одбегнуваат големи и тешки оброци.
Аеробик
Во 2011 година било направено истражување со кое било утврдено дека редовното правење аеробични вежби делува еднакво добро како и лековите за мигрена. Научниците сметаат дека 40-минутни вежби трипати неделно се доволни.
Рибофлавин
Рибофлавинот е Б витамин кој го има во млекото, месото, јајцата, оревите и зелениот зеленчук. Овој витамин се користи во третманите на пациентите со хронични главоболки во болниците.
Не заборавајте на магнезиумот
Повеќето луѓе кои страдаат од хронични главоболки имаат нешто заедничко, а тоа е недостатокот од магнезиум. Спречете ја следната главоболка со магнезиум.
Размислете за лекови
Лекарите многу почесто препишуваат лекови отколку да даваат други корисни совети на своите пациенти со главоболка, а научниците советуваат земање лекови со појавувањето на првите симптоми на хронична главоболка.
Терапија со температура
Лекарите од „Џон Хопкинс“ велат дека терапијата со температура може да ја елиминира мигрената кога е во почетна фаза. Се препорачува ставање топли или студени облоги на главата или вратот веднаш по појавувањето на главоболката.
Научете да го препознавате стресот
Стресот може да предизвика мигрена, но тој може да биде спречен навремено. Научете да ги препознавате симптомите на стрес и научете методи за задржување на спокојноста во стресните ситуации.