Државата да ги поддржи учениците од малите места кои остануваат да учат во родниот крај - апелира Жарко Стојкоски, директор на СОУ „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод
Статуа на св. Наум Охридски и неколкумина ученици нѐ пречекаа во дворот на СОУ „Св. Наум Охридски“, единственото средно училиште во Македонски Брод, кое деновиве стана познато по неславниот рекорд со само 11 матуранти. Модерно е, реновирано, чисто, со пространи училници, спортски терен, двор со клупи, вреден професорски кадар, а веќе десетина години се соочува намален број на ученици - последица на депопулацијата во регионот на Поречето.
Некогаш било полно со џагор и смеа... Тоа го покажуваат изложените таблоа од претходните генерации низ училишните ходници. Пред неколку децении броело над триста ученици од прва до четврта година. Сега само 85. Во прва година некогаш имало стотина средношколци. Сега 25. По половина век постоење, сведок е на најмалобројната генерација матурантите кои деновиве го завршуваат средното образование. Учеа во две паралелки, едната гимназиска со 8 ученици, а другата угостителско-туристичка со тројца. Ова сигурно е најмалата паралелка во средно училиште во државата.
Дел од учениците заминуваат за Битола, Прилеп, Скопје, а дел остануваат дома
Низ школските ходници не ги затекнавме матурантите, кои веќе се подготвуваат за полагање на матурскиот испит, но и за генерациската екскурзија. Од училиштето ни беше кажано дека поради малиот број, не се организира класична матурска забава, туку ќе патуваат во странство.
Иако малку по број, тука учат солидни ученици. Тоа го потврдуваат училишните ѕидови на кои се прикачени многу дипломи од први места на регионални и на државни натпревари. „Секогаш остани посветен, верувај во себе, не откажувај се“, пишува на едно скалило. Ги прашавме учениците што ги затекнавме низ ходниците зошто одлучија да останат да учат средно во родниот град, додека дел од нивните врсници заминаа во Прилеп, Битола, Скопје...
- Првично влијаеја социолошките фактори. Сметам дека возраста од 14 или 15 години кога се запишуваме во средно училиште не е пригодна за децата да одат настрана бидејќи сѐ уште се соочуваат со психолошки предизвици во животот, кога им е потребна помош од родителите и од најблиските луѓе со кои живееме и го организираме секојдневниот живот - вели Емануел Аврамоски, гимназијалец од трета година и претседател на ученичката заедница на училиштето.
Тој додава дека надвор од Македонски Борд заминуваат да учат најчесто оние што се со сите петки и оние што избрале да изучуваат струка која ја нема во нивното училиште. Но, гимназиската насока, угостителско-туристичката и машинската во нивното школо се навистина квалитетни и смета дека им го даваат неопходното знаење што учениците од овие области би го стекнале и во школите од поголемите градови.
- Не згрешив што останав во родниот град. Ги анализирав сите можни фактори, а во тоа спаѓаат и можностите што ми се отворија со учењето тука. Ми предаваат многу квалитетни наставници. Не се задржуваат само на наставниот план и програма, туку разговараат со нас и за животните проблеми и предизвици што нѐ очекуваат, ни споделуваат и родителски совети. Училиштето ми помогна да стекнам вредни знаења и искуства преку учество во многу програми, семинари, Еразмус-проекти - додаде Аврамоски.
Учениците што заминуваат во друг град добиваат бесплатно сместување
Некогашната гимназија била трета во државата по стекнато знаење. За тоа говорат многубројните награди што ги красат витрините низ школото. Дека успесите не заостануваат и денес, потврдуваат наградите и признанијата во кабинетот на в.д. директорот Жарко Стојкоски, магистер по музички науки. Тој веќе десет години работи во училиштето, а на менаџерската позиција е една година.
Вели дека за целиот овој период се чувствува намалување на бројот на ученици и покрај нивните обиди како школо да ги задржат децата да учат средно во родното место. Годинава првпат се случува во училиштето да имаат 11 матуранти, но од година пак ќе бидат 25, па 26 како што беше и претходно.
Предупредува дека доколку државата не преземе итни мерки за поддршка на учениците што го завршуваат средното образование дома, во помалите општини, тие ќе згаснат. Најголемиот проблем го гледа во тоа што учениците кои заминуваат да учат во други градови, поради задолжителното средно образование, добиваат бесплатно сместување и престој во школски интернати, а оние што остануваат да учат во родните места не се никако поддржани.
- Малиот број на ученици е последица на иселувањето. Проблем е и тоа што учениците ни бегаат во соседните градови Прилеп или Битола, во бесплатните ученички домови. Доколку им даваме можност на учениците што заминуваат настрана да се запишат во некое школо да учат и да се сместат бесплатно, зошто во ист сооднос не им се дава помош на учениците што остануваат да учат во малите места? Можеби така би ги задржале, ако им се даде финансиска поддршка на оние што остануваат овде - вели Стојкоски.
Апелира властите да се заинтересираат за малите места и да најдат начин да ги задржат жителите.
- Не може сѐ да биде фокусирано во поголемите градови. Треба да функционираат и помалите места кои, за жал, згаснуваат и стануваат како селата. Со овој тренд на намалена популација и иселување не знам до каде ќе одиме и не гледам некоја иднина. Апелирам да се преземат мерки и промени во образованието. Трендот на излевање ученици во поголемите места треба да се намали. Нормално, доколку е некое стручно школо, па некој има талент, на пример, за музика или ликовно, во ред е да продолжи да учи онаму каде што тоа е овозможено. Но, заминувањето да не биде по секоја цена - додава директорот.
Судбината на Македонски Брод ја делат и Крушево, Пехчево, Берово...
Во училиштето има 24 професори, што не е премногу доколку се земе предвид дека е четиригодишно и има три различни насоки. Дел од вработените велат дека и во паралелката што има неколку ученици, кога веќе е формирана, треба да се одржи настава. Од угостителско-туристичката струка излегуваат хотелско-туристички техничари за рурален туризам, а им дава можност на учениците за феријална пракса преку Еразмус- проектите во странски држави. Машинската струка е со дуална паралелка, што е новост во последните години и праксата ја извршуваат во Фабриката за производство на муниција и оружје во Самоков.
Училиштето првпат почна со работа во 1973 година со дисперзирани паралелки на гимназијата „Мирко Милески“ од Кичево, а потоа стана самостојна образовна институција. Денес обезбедува образование и за учениците од околните рурални средини, па во интернетот имаат 25 средношколци. Инаку, во Македонски Брод има само едно основно училиште. Ако порано оваа општина имаше 7 илјади жители, сега брои најмногу до 3,5 илјади. Слична состојба со бројот на ученици имаат и другите помали места, како што се Берово, Пехчево, Крушево... Ситуацијата не е подобра ни на државно ниво каде што, според податоците на Државниот завод за статистика, во редовните средни училишта бројот на учениците на крајот од учебната 2021/2022 година изнесувал 69.378, што претставува намалување за 2,5% во споредба со претходната година.
Додека го напуштавме средното општинско училиште во Македонски Брод, во големиот раззеленет тревник со пролетни цвеќиња си играше детенце од две-три години во придружба на неговата мајка. Сликата беше идилична. Си заминавме со надеж дека по повеќе години таа нема да биде само сеќавање на некои минати добри времиња.
Фото: Жанета Здравковска