Ако продолжи одлагањето на наставниот процес поради штрајкот на СОНК, останува прашањето - колку матурантите ќе имаат време да се подготват за матурските испити. Родителите сè повеќе реагираат на ваквата состојба, особено оние чии деца се подготвуваат за упис на факултет во странство
За околу 17.000 матуранти школската година треба да заврши до 20 мај годинава. За полагање државна матура се пријавиле околу 16.000. Според определениот календар, на 4 и на 13 јуни треба да имаат екстерно тестирање.
Едниот испит ќе биде мајчин јазик, а за другиот учениците во гимназиите и стручните училишта бираат дали ќе полагаат странски јазик или математика. Оние во уметничките школи бираат меѓу странски јазик и филозофија или естетика. По овие т.н. екстерни испити, во училиштата се полагаат два интерни предмети.
До 21 април учениците требаше да го полагаат делот од државната матура поврзан со изработка на проектна задача. Но, поради штрајкот околу 1.600 матуранти досега не го положиле овој дел врзан со проектна задача.
Останува отворено прашањето ако продолжи одлагање на наставниот процес поради штрајкот на СОНК, колку матурантите ќе имаат време да се подготват за матурските испити и како ќе полагаат задачи за наставен материјал кој не е предаден и изучуван. Родителите сè повеќе реагираат на ваквата состојба, особено оние чии деца се подготвуваат за упис на факултет во странство.
Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци вели дека следните денови тимовите на Сојузот ќе ги искористат да ја анализираат состојбата како да се адаптира државната матура на сегашната ситуација.
-Потоа сите барања и предлози ќе ги ставиме на документ кој официјално ќе го доставиме до Владата - посочи тој.
Фото: Архива