Мислите дека личното пребарување на интернет е навистина лично и приватно? Ново истражување покажува дека батеријата на телефонот или лаптопот може да биде искористена за нарушување на приватноста.
Дел од ХТМЛ5 наречен „Battery status API“ им овозможува на интернет-страниците да ја проверат состојбата на батеријата на вашиот уред со толкава прецизност што би можела да се користи за следење во кратки интервали. Тоа е возможно дури и доколку користите софтвер за заштита на идентитетот.
Ова е возможно бидејќи „Battery status API“ може да повлече повеќе
информации за батеријата на вашиот уред - ниво, време на полнење и време на празнење. Комбинирани, овие податоци се речиси уникатни за секој уред, што значи дека потенцијалните хакери може да создадат дигитален отпечаток на вашиот уред и да ги следат вашите активности на интернет.
На истражувањето кое го покажува ова работеле француските и белгиски истражувачи Лукас Олејник, Гунс Акар, Клод Кастелука и Клаудија Диаз. Тие наведуваат дека од јуни годинава, „Battery status API“ е поддржан од „Firefox“, „Opera“ и „Chrome“.
Ваквиот вид следење би бил тежок за одбегнување бидејќи речиси сите уреди се ранливи. Сепак, ризикот е поголем за старите и користени батерии со намалена моќ.