X
 01.09.2015 Економија

Како нашиот мајчин јазик влијае врз нашето економско однесување?

Економистот Кит Чен размислувајќи за јазикот кој го зборува, се запраша дали постои поврзаност меѓу јазикот и нашето однесување.

 

јазик


Најмногу го интересирало дали постои поврзаност меѓу јазикот што го зборуваме и економските одлуки кои ги донесуваме, односно дали со тоа е поврзана и нашата способност да заштедиме пари? Чен одлучил оваа поврзаност да ја истражи и да дознае дали постојат јазици кои го прогнозираат однесувањето на неговите соговорници.

Тој посебно се фокусирал на врската меѓу јазикот и економското однесување, односно способноста да се заштедат пари. Тој дојде до фасцинантно откритие во неговото истражување. Јазиците во кои не постои концепт за иднината кој се изразува со иднина, како на пример „Утре паѓа дожд“, наместо „Утре ќе падне дожд“, се во корелација со високите стапки на штедење. Во јазиците како англискиот, се разликува минатото, сегашноста и иднината, додека јазиците како кинескиот користат исти изрази за да опишат вчерашни, денешни и идни случувања. Занимавајќи се со разликата меѓу јазиците, Чен заклучил дека говорниците на јазикот како што е англискиот имаат 30% помала шанса да заштедат пари од говорниците на кинескиот јазик. Тој објаснува дека е многу тешко да се заштеди ако зборуваме за иднината како за далечно идно време - на тој начин не сме толку мотивирани да заштедиме пари бидејќи чувствуваме дека иднината не е поврзана со сегашните случувања.

Во абориџинската заедница Пормпурав луѓето не користат изрази како десно или лево за опишување на просторот и оддалеченоста. Во оваа заедница се користи југоисточно или северозападно за постојано луѓето да бидат просторно ориентирани. Во оваа заедница се зборува јазикот Куук Таајорре, кој на луѓето им овозможува инстинктивно да ја знаат насоката на движење, а таквиот начин на опишување на просторот и движењето постои во третина од светските јазици.

Во англискиот јазик вообичаено се вели дека некој ја скршил вазната дури и тогаш кога тоа бил несреќен случај, додека во шпанскиот и јапонскиот, се вели дека вазната се скршила сама. Поради тоа луѓето на кои англискиот им е мајчин јазик многу почесто помнат „виновници“, од Шпанците или Јапонците; дел од причината е тоа што англосаксонскиот кривичен систем се фокусира повеќе на казнување на виновникот, отколку на спасување на жртвата од криминалот.

Нашата способност да ги разликуваме боите е поврзан со начинот на кој во одреден јазик ги опишуваме. Говорниците на јазикот Зуни немаат различни зборови за жолта и портокалева боја и тешко ги разликуваат, додека говорниците на рускиот јазик имаат различни зборови дури и за нијансите на боите, како на пример светлосина и темносина, поради што и подобро ги распознаваат.

На хебрејски јазик јасна е разликата меѓу родовите, додека во финскиот јазик скоро и не се препознаваат, што е докажано и во истражувањето направено во 1980-тите, во кое се покажало дека децата кои говорат хебрејски го препознаваат својот пол, година дена пред децата кои зборуваат фински.

 


Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија