X
 03.09.2015 Технологија

Студент од Загреб создаде електрично возило на соларно полнење

Автономното електрично возило „Gmobile“ на Иван Голубовиќ, студент на Политехничкиот универзитет во Загреб е во завршна фаза на имплементација.

 

студент


За помалку од два месеци, тој успеа да собери пари за најскапиот дел од проектот, со што успеа да го направи и првото тест возење во неговиот пронајдок. При крај е и системот за следење и управување со параметрите на возилото, но се`уште нема средства за да го реализира системот за автономно возење, со чијашто помош автомобилот сам ќе дојде до својот сопственик.

„Тест возењето ги надмина моите очекувања, бидејќи бев загрижен дали се` ќе функционира онака како што треба. Кога возилото започна да вози, бев пресреќен. И во текот на возењето се` функционираше како што треба, па бев доста задоволен“, вели Иван Голубовиќ после успешното возење.

Неговото автономно електрично возило на соларно полнење се состои од три системи кои ги развил заедно со неговите колеги, а преку летото Иван вложил и дополнителен напор па се надева дека „Gmobile“ ќе биде завршен до средината на септември. За првото возење возилото било подготвено и претходно, но долго ја чекал батеријата која овозможува користење на енергијата.

„Батеријата е порачана од човек од Пожега. Кај нас не може да се купат сите потребни делови, но тој некако го набавил и сам дома го составил. Такашто, батеријата е направена тука во Хрватска, што е уште еден голем плус за овој проект“, вели Голубовиќ.

Потребно е да се направат неколку тестови и да се развие апликација за Андроид уред, преку кои сопствениците на било кој автомобил со вградена контрола ќе можат детално да ја следат состојбата на своите возила.

Специјалната шасија за електрични возила е завршена, а недостасуваат уште 5.000 куни (околу 600 евра) за да се купи и вграден мотор со кој „Gmobile“ ќе може да се движи сам.

„Преку еден проект на Здружениоет на хрватски иноватори успеав да повлечам дел од средствата и со тоа да ги покријам трошоците за батерија, но се`уште фалат пари за се` да биде комплетно. Треба да се вгради моторот и за него да се направи електроника. Кај нас овие работи се доста скапи бидејќи само две компании се занимаваат со тоа, па знаат да ја покачат цената“, вели тој.

Изложбата на возилото се планира за средината на октомври, а Иван е загрижен бидејќи финансиските средства ќе го попречат реализирањето на возилото. Ако не успее до крај да го заврши проектот, ќе го презентира како електрично возило кое се`уште е во развој, па се надева дека тоа ќе му помогне во пронаоѓање на нови инвеститори.

Освен тоа, тој се надева дека наскоро ќе успее да го патентира системот за следење и контрола на параметрите на возилот. Според него, уредот ќе предизвика голем интерес со оглед на тоа што може да се вгради и во постарите автомобили, па сопствениците ќе бидат заинтересирани за детално да ја следат работата на нивното возило.

„Планирам да го патентирам системот за контрола и системот за автономно возење. Возилото претставува презентација за тоа што се` може да се направи кога уредите заедно ќе се спојат. Процесот на патентирање е доста скап и комплициран, но Здружението на иноваторите ми помогнаа и ја проверија неофицијалната база на патенти и заклучија дека моите пронајдоци можат да се патентираат“, завршува Иван.

 

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија