Светската банка ќе ја направи најголемата промена во пресметувањето на глобалната сиромаштија во последните 25 години. Се работи за поместување на границата на екстремна сиромаштија, која ќе се помести од живот на 1,25 долари дневно на 1,90 долари дневно.
„Ројтерс“ известува дека причината е потребата за реален показател на тежината на проблемот со сиромаштија низ светот. Оваа промена била претставена како дел од сеопфатната стратегија договорена во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Стратегијата се состои од 17 цели за одржлив развој за идните 15 години.
Главна цел на Обединетите нации е искоренување на екстремната сиромаштија во светот до 2030 година. Службено, границата на екстремна сиромаштија ќе биде поместена наредниот месец.
Се проценува дека со ова бројот на екстремно сиромашни луѓе во светот ќе биде зголемен за 148 милиони. Најголемата промена ќе биде забележана во јужна Азија, каде бројот на сиромашни ќе порасне од 7 милиони на 416 милиони лица.