X
 27.09.2015 Култура

Зошто луѓето чукаат во дрво за среќа?

Балканците не се единствените кои чукаат во дрво за добра среќа или да ја избркаат лошата среќа. Но, која е причината за ова?


Луѓето честопати чукаат во дрво кога изговараат реченица со која „ја предизвикуваат судбината“. Доколку гледаме историски, со чукањето во дрво се бркале злобните духови кои се наоѓаат во него.

Пред појавата на христијанството и исламот, многу пагански групи и култури ги величеле стеблата како идоли. Некои ги користеле за предвидување на судбината, а други ги користеле во религиски ритуали. Дел верувале дека стеблата се домови на древните богови и духови.

Првите луѓе кои започнале да чукаат во дрво се предмет на расправа, но авторите Стефан Бехтел и Дебора Аронсон наоѓаат врска меѓу старите духови во дрвото и денешното чукање во дрво.

Според една верзија, првите пагани кои ја населиле Европа чукале во дрво за да ги избркаат злобните духови од дрвата и да ги спречат да ги слушаат домашните разговори. Според друга верзија, паганските групи ги обожавале овие духови во дрвото и ги ставале двете раце на дрвото за добра среќа.

Во повеќе култури постојат разни варијанти од овој обичај. На пример, во Шпанија се допира дрвото по некој настан кој би можел да донесе лоша среќа. Американците и Британците честопати ја задржуваат раката на дрвото неколку секунди, а понекогаш само чукаат во него.

Во Романија се верува дека лошите работи може да се одбегнат со чукање во дрво, а во Бугарија се чука во дрво за да се одбегнат лоши вести. Во земјите од поранешна Југославија, луѓето најчесто чукаат во дрво за да не тргне нешто на лошо.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура