X
 05.09.2023 Живот

Зошто Јапонците истураат кофи вода пред нивните куќи и продавници?

Ако некогаш имате можност да ја посетите Јапонија, немојте да се изненадите ако видите луѓе на улиците како истураат кофи со вода на тротоарите. Овој необичен ритуал бил сосема вообичаена утринска активност (па дури и обврска) на граѓаните во Кјото до средината на 70-тите години. Со истурањето вода задолжително било и метењето.

Многубројните улици таму најчесто биле влажни, но со текот на времето се „исушија“ бидејќи се намали бројот на традиционални куќи и дуќани. Јапонските власти со децении ги охрабруваат граѓаните да истураат кофи со вода по улиците, но не вода од чешма, туку дождовница или вода што не може да се пие.

Учимизу, односно прскање на просторот пред домот со вода не само што ја задржува прашината, туку и ја намалува температурата во градот во текот на жешкото лето бидејќи водата испарува, а асфалтот се лади. Исто така, учимизу е шинтоистички ритуал на прочистување, како и израз на љубезност и добредојде на посетителите. За овој ритуал важат непишани правила, па затоа е забрането да се истури вода на делот од улицата кој му припаѓа на соседот. Исто така, во зима учимизу е на пауза за да не замрзнат патиштата.

1
Фото: Facebook

Поради глобалното затоплување, во последните децении неколку еколошки групи во Јапонија воведоа програми за поттикнување на учимизу, повикувајќи се на истражување дека масовното полевање на улиците може да ја намали температурата на воздухот за неколку степени.

Научникот д-р Пол Сатур смета дека ладењето на улиците со вода е многу корисно за нашата планета.

- Граѓаните што практикуваат учимизу во јапонските урбани средини помалку користат клима-уреди, што значително ја намалува нивната потрошувачка на енергија во домаќинството, а со тоа и емисијата на стакленички гасови - открива Сатур.

Доколку се одлучите да ја изладите улицата пред вашиот дом со вода, внимавајте и користете вода што не е за пиење.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот