Иновации за деветто одделение, Иновации и претприемништво за прва, втора, трета и четврта
година гимназиско и средно уметничко образование, како и по изборните предмети Јазик и
култура на Бошњаците, Ромите и Власите се учебниците кои се подготвуваат во Министерството
за образование и наука. Учениците ќе ги добијат во текот на учебната година. Конкурсите за
избор на авторските тимови се затворени, а материјалите се доставени и до Бирото за развој на
обрзованието од каде се чека потврда дали се соодветни со наставните програми.
Книгите за Јазик и култура на Бошњаците, Ромите и Власите се печатат за првпат, што значи
дека учениците кои ќе ги изберат да ги учат конечно ќе имаат учебници. Средношколците пак по
Иновации и претприемништво учеа од постари учебници, а новите ќе бидат во согласност со
новите наставни програми и содржини кои се работени со експерти од Велика Британија.
- Досега учевме од постари учебници, но ги нема сите лекции и измени кои се направија во
наставната програма. Затоа, добро е што ќе имаме нови учебници и се надеваме дека ќе бидат
квалитетни. Инаку предметот Иновации и претприемништво е одлично прифатен кај учениците.
Имаме проблем само со соработката со бизнис секторот. Идејата е на часови да доаѓаат успешни
бизнисмени, да говорат за своите успешни бизнис приказни. Но, ретко кој сака да дојде на
часови – вели професорката Марија Петковска.
Инаку, хонорарите за авторите на школските учебниците во зависност од фондот на часови за
предметот се движат од 2.000 до 3.000 евра, но автори велат дека не се доволни за трудот. Токму
поради ова не е лесно да се состави авторски тим за учебник во средно или основно
образование.
Професор од ПМФ кој е автор на повеќе учебници за основно образование објаснува дека сумата
која сега се исплаќа на авторите не е исплатлива, но неговиот мотив не се парите, па продолжува
да се пријавува на конкурсите.
- Хонорарот не се исплати за трудот кој го вложуваме. Сами плаќаме и лектура и графички го
уредуваме ракописот. Ако не ни го примат ракописот, односно изберат друг учебник, за џабе сме
трошеле и пари и време. Конкурирав на конкурс за нов учебник за шесто одделение, бидејќи има
нова програма и чекам резултати. Мотивот ми се децата. Сакам да имаат содржински, точен и
добар учебник. Сметам дека и треба да се зајакнат критериумите за авторите на учебници. Не
може учебник да пишува некој што не е доктор на наука или што едвај завршил факултет со
просек шестка – смета професорот.
Негова колешка дообјаснува дека во претходниот систем авторот си ги задржувал авторските
права и заработка имал со секое препечатување на учебник.
- Сега со исплаќањето на хонорарот од страна на министерството завршува приказната со
авторските права. Тоа ги демотивира авторите. Практично голем дел од хонорарот за книгата
веќе е потрошен додека ја подготвуваме -вели професорката.