X
 27.10.2015 Образование

Само со автономен универзитет до демократија

 Константин Битраков и Ивана ТуфегџиќЗошто е потребна автономија на универзитетот? Младите академци, студентите и нивните професори во секоја модерна демократија се сметаат за водечка интелектуална сила во општеството, од која зависи и неговата демократизација.

Во времe коe се цени за исклучително важно за демократскиот курс на Република Македонија, додека сме сведоци на едно од најголемите општествено – политички превирања и длабока криза на претставничката демократија (како и демократијата воопшто), едно од начелата на кое е нужно да се посвети особено внимание е автономијата на универзитетот. Дебатата за автономијата практично започна во 2014 година кога со измените на Законот за високо образование власта се обиде да ги укине академските слободи. Обидот за контрола на оценувањето на студентите и изборот во звања на наставничкиот кадар на универзитетот, доведе до масовни протести и силен отпор од академската заедница.

Зошто власта толку дрско сака да воведува контрола над универзитетот, во потрага по наводно квалитетен образовен систем? Причините за ова се многубројни, но главно се сведуваат на две - обид да се спречи интелектуалната сила, студентите и професорите, вооружени со знаење и слободна мисла да предизвикаат општествени и политички промени во општествената хиерархија и поредокот и намера да се креира наставна програма според идеолошкиот проект на владеачката партија со која ќе се образуваат и индоктринираат генерации академски граѓани. И двете цели се спротивни на суштината на академската автономија, која во демократските држави е столб на слободата и демократијата.

Автономијата во меѓународни рамки и во РМ

Автономијата на универзитетите во правниот поредок на РМ е уредена со највисокиот правен акт, Уставот. Во членот 46 се гарантира автономија на универзитетот. Поширокото значење на автономијата се уредува во Законот за високо образование. Втората глава од Законот е во целост посветена на автономијата на универзитетот. Таа се остварува преку академската слобода, слободата во управувањето на универзитетите и неповредливоста на академскиот простор.

На меѓународен план, пак, автономијата на универзитетот почесто се уредува во (и од страна на) самите универзитети. Така, најрелевантната дефиниција на поимот автономија ја дава Европската универзитетска асоцијација, која е најзначајниот претставник на универзитетите од 47 земји ширум Европа, меѓу кои и РМ. Во дефиницијата на Европската универзитетска асоцијација автономијата на универзитетите содржи неколку елементи – организациска, кадровска, финансиска и академска автономија. Освен Европската универзитетска асоцијација, соодветно внимание на поимот автономија посветиле и државите членки на УНЕСКО на Меѓународната конференција за академска слобода и автономија на универзитетите одржана во 1992 година во Романија.


Автори: Константин Битраков и Ивана Туфегџиќ 
Прочитај го целиот блог на www.respublica.edu.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование