X
 02.06.2022 Живот

Нераскинливото пријателство што се крие зад песната „Тhe Sound of Silence“ на Сајмон и Гарфанкел

Искрените и вистински пријатели тешко се наоѓаат, тешко се оставаат и невозможно е да се заборават. Ова е реченица што ја кажал американскиот државник Џорџ Рендолф во 19 век, а која одлично ја опишува приказната што следува во редовите подолу.

Пријателството е центар на музичкото дуо во кое се заљуби цела планета, но третиот член, кој никогаш не бил потребен и не ѝ свирел на публиката, остана во сенка, непознат.

„Hello darkness, my old friend...“ (Здраво, темнино, моја стара пријателке...)

Сите ја знаат култната песна на Сајмон и Гарфанкел, но дали ја знаете неверојатната приказна за првата реченица?

Почнало пред 62 години кога Артур Арт Гарфанкел, еврејско дете од Квинс, се запишал на Универзитетот „Колумбија“. Додека бил бруцош, Арт го запознал Сенди Гринберг, студент од Бафало. Се зближиле поради нивната заедничка страст кон литературата и музиката. Станале цимери и најдобри пријатели. Си ветиле дека ќе бидат тука еден за друг, без оглед на сѐ.

Набргу откако заминал на факултет, Сенди го погодила трагедија. Видот му се заматил и иако лекарите му дијагностицирале привремен конјунктивитис, проблемот се влошувал. Конечно, по посетата на специјалисти, Сенди ја добил катастрофалната вест дека тешкиот глауком му ги уништува оптичките нерви. Еден млад човек со толку светла иднина наскоро би можел да биде целосно слеп.

Сенди паднал во длабока депресија. Се откажал од сонот да стане адвокат и се вратил во Бафало, каде што се грижел дали ќе биде товар за неговото семејство, кое било во финансиски тешкотии. Обземен од срам и страв, Сенди го прекинал контактот со своите стари пријатели, одбивајќи да одговара на писма или на телефонски повици.

Потоа одеднаш на влезната врата се појавил неговиот пријател Арт. Не сакал да му дозволи на својот најдобар пријател да се откаже од животот, па купил билет и ненајавено одлетал до Бафало. Арт го убедил Сенди да го продолжи факултетот и му ветил дека ќе биде до него и ќе се грижи да не падне - буквално или фигуративно.

Арт го одржал своето ветување, верно го следел Сенди низ кампусот и ефективно му служел како очи. На Арт му било важно што Сенди, иако потопен во свет на темнина, никогаш не се чувствувал осамен. Арт, всушност, почнал да се нарекува себеси „Мрак“ за да ја покаже својата емпатија кон пријателот. Арт го организирал својот живот за да има време да му помогне на Сенди.

Еден ден Арт го водел Сенди низ преполната станица Гранд централ, кога одеднаш му рекол дека мора да оди и го оставил својот пријател сам и скаменет. Сенди се сопнал, налетал на луѓето и паднал. По неколку пеколни часа, Сенди конечно се качил на воз.

Откако ја напуштил станицата на улицата 116, Сенди налетал на некој - и веднаш го препознал гласот на Арт! Излезе дека неговиот верен пријател го следел до дома, внимавајќи да биде безбеден и му го дал непроценливиот подарок за независност. Сенди подоцна изјавил:

- Тој момент беше искра што ме натера да живеам сосема поинаков живот, без страв, без сомнеж. Затоа сум му неизмерно благодарен на мојот пријател.

Сенди дипломирал на „Колумбија“, потоа на „Харвард“ и на „Оксфорд“. Се оженил со својата средношколска љубов и стана исклучително успешен претприемач и филантроп.

Додека бил на „Оксфорд“, Сенди добил повик од Арт. Овој пат на Арт му требало помош. Формирал фолк-рок дуо со неговиот средношколски другар Пол Сајмон и очајно му требале 400 долари за да го сними првиот албум. Сенди и неговата сопруга Сју имале буквално 404 долари на нивната банкарска сметка, па Сенди му го дал на својот стар пријател она што му требало без двоумење.

Првиот албум на Арт и Пол не бил успешен, но една од песните, „The Sounds of Silence“, стана хит број 1 една година подоцна. Песната почнува онака како што Сенди секогаш го поздравуваше Арт. Сајмон и Гарфанкел станаа еден од најомилените музички изведувачи во историјата.

Двајцата дипломци, од кои секој на свој начин придонесе за светот, и понатаму се најдобри пријатели. Арт Гарфанкел рече дека кога се спријателил со Сенди, сфатил што е вистински живот.

- Станав подобар човек и почнав да гледам кој сум - некој што му дава поддршка на пријател - вели Сенди.

Приказна од мемоарите на Сенди Гринберг: „Здраво, темнино, моја стара пријателке“: Како смелите соништа и непоколебливото пријателство го претворија слепилото на човекот во извонредна визија за животот.


Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот