Студентската иницијатива „Отворен куфер“ годинава ќе го одбележи Меѓународниот ден на студентите на 17 месецов. Овој ден се одбележува во Македонија по четврти пат, а оваа година одбележувањето ќе се разликува по тоа што „Отворен куфер“ ќе создаде културна зона на Филозофскиот факултет.
Оваа
културна зона ќе биде отворена за сите заинтересирани и ќе трае од 10 часот наутро до 10 часот во ноќта. Составена е соодветна програма со изложба, порекција, трибина итн.
Целата програма засега изгледа вака:
10.00: Отворање на изложба „Студентски времеплов“ и целодневна изложба на студентски дела од различен вид (Аула на ФЗФ/ФЛФ)
12.00 - 12.30: Презентација на летокот Homo Studentus (Аула ФЗФ/ФЛФ)
14.00 - 15.00: Проекција на кратки авторски филмови за екстремни спортови во планина со акцент на алпинизам
15.00 - 17.00: Трибина - Младинско филозофско друштво
17.00 - 18.00: Поетско читање
20.00 - 22.00: Свирка
Инаку, иницијативата „Отворен куфер“ постои од 2013 година, а е формирана како независна и неформална студентска културна иницијатива од страна на група студенти на Филозофскиот факултет. Сега во неа се вклучени студенти од целиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Нивната главна цел, како што пишуваат на својот блог, е „формирање на студентски културен центар во рамките на универзитетот“, и тоа преку „здружување на студентите, организирање на културно-уметничка програма на факултетите, алтернативно академско и неформално образование, создавање простор за слободно изразување, размена на идеи и вештини и поттикнување на креативноста, творештвото и критичката мисла“.