X
 17.11.2016 Образование

Поетско читање, концерт, проекција на филм за Меѓународниот ден на студентите

Скромно, со читање поезија и концерт, студентите денеска ќе го одбележат 17 Ноември, Меѓународниот ден на студентите. Одбележувањето е закажано за денеска во 14 часот, во аулата на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Настанот го органиизра Студентската културна иницијатива „Отворен куфер“. Прво ќе има поетско читање, замислено како попладневна чајанка, а потоа концерт ќе одржи групата „Перија“.


Од „Отворен куфер“ велат дека и годинава сакаат да ја пренесат пораката дека постои недостаток од културен живот и слободно изразување во рамките на Универзитетот. Тие ги повикуваат сите заинтересирани студенти, студентски организации, движења и иницијативи, без разлика од кој факултет доаѓаат, да се вклучат во заедничко развивање на идејата за одбележување на Меѓународниот ден на студентите.

Меѓународниот ден на студентите ќе биде одбележан и во Битола. ИАЕСТЕ ЛК од Битола ги поканува сите студенти на бесплатната проекција на оскаровецот „Спотлајт“ која ќе се одржи вечерва во 22.30 часот во битолскиот Центар за култура.

Денот 17 Ноември се одбележува веќе 77 години, откако на 28 октомври 1939 година, студентите во Прага покренале отпор против нацистичката окупација. Демонстрациите биле крваво задушени. Светот го памети настанот кога студентот Јан Оплетал бил смртно застрелан. На погребот на 15 ноември присуствувале илјадници студенти, а тоа се претворило во антинацистичка демонстрација. Два дена подоцна, на 17 ноември, девет студенти биле погубени, повеќе од 1.200 биле однесени во концентрациони логори, а студентските домови и универзитетите биле претворени во касарни.

Од 1941 година до денес, овој ден се одбележува секоја година насекаде во светот како ден на студентскиот активизам и глобален ден на акција кога студентите низ целиот свет протестираат, прават блокади на своите факултети, на улиците и на мостовите со цел да ја спречат комерцијализацијата на образованието и да ја покажат важноста на тоа што значи да се биде студент.

Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование