Пред неколку дена, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека наводно македонското сирово кравјо млеко е небезбедно за пиење бидејќи содржело зголемено присуство на пестициди. Реакциите се однесуваат на едно истражување направено од професорката Џулијана Томовска и Марта Неделковска (кое било презентирано лани во МАНУ), а открило дека во млекото од три региони во Македонија има пестициди.
Дали ваквите информации се точни или не, ја прашавме професорката на Земјоделскиот факултет
проф. д-р Соња Србиновска која е експерт за млеко и за млечни производи.
- Очигледно е дека сме популација која обожува скандали и без малку истражувања, изнесува невистини во јавноста. Професорката Томовска истражувала за пестицидите во млекото и бидејќи количествата се многу мали за да може да се направи споредба по региони, како и да се види влијанието на термичката обработка, вредностите ги помножува со 100. Сето ова е извадено од контекст и некој без да го прочита трудот објавува лаги. Ви го
испраќам трудот каде во заклучокот можете да видите дека присуството на резидуи пестициди во млекото е под МРЛ според македонската и ЕУ регулативата - појаснува професорката Србиновска.
Обвинувањата на социјалните мрежи одеа дотаму што имаше наводи дека некој системски не` труе со кравјото млеко, а дека притоа одговорните молчат.
Професорите експерти за млеко и млечни производи и претходно тврдеа дека немаме проблем во однос на безбедноста на млекото. На рафтовите по маркетите се продава млеко кое е безбедно за пиење, а тоа го контролира Агенцијата за храна и за ветеринарство.
Инаку познато е дека како држава имаме недостиг од млеко, па млекарниците склучуваат договори за увоз за да се задоволат потребите. Познавачите тврдат и дека увозното млеко е безбедно, бидејќи европските стандарди и контроли се многу ригорозни.
Автор: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk