X
 16.09.2017 Живот

Објавила научен труд, а има само 8 години

Тешко е да се биде различен – особено кога имате 8 години и обожавате бубачки, па дури и ги носите на училиште за да ги видат вашите пријатели.

фото извор: Twitter

Софија Спенсер е фасцинирана од инсектите. Но таа наидувала на отпорност кај своите соученици сè додека не ја поддржале професионалните ентомолози. Сега таа е автор на извештај во научно списание.

Сè започнало кога нејзината мајка се обратила до ентомолошкото здружение на Канада барајќи совет за тоа како да ја охрабри својата ќерка да се занимава сериозно со изучувањето на инсектите и покрај задевањето од нејзините соученици. Експертите го споделиле писмото на нивниот твитер-профил и ги повикале ентомолозите да се поврзат со Софија.

Медиумите се заинтересирале за нејзината приказна, а и експертите се понудиле да помогнат. Таа во својот извештај објаснила колку твитот помогнал во научната комуникација и јавната перцепција на ентомологијата. Исто така, кажала дека полжавите, гасениците и скакулците ѝ се омилени. Дури имала и најдобар другар инсект кој го нарекла Хуперс. Таа истакнува дека пораката што ја испратила мајка ѝ до ентомолозите ѝ помогнала да сфати колку сака да ги изучува инсектите и да биде ентомолог кога ќе порасне.

Сега Софија има поголема самодоверба за да ја следи својата страст. Освен тоа, успеала да им го смени мислењето на своите соученици. Некој ѝ испратил и микроскоп, па таа го однела на училиште. Софија вели дека сега нејзините соученици кога ќе пронајдат инсект, ѝ го носат за да го гледаат под микроскоп. Таа верува дека и другите девојки што слушнале за нејзината приказна ќе сакаат да изучуваат инсекти.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот