X
 05.06.2017 Здравје

Голтаме ли антибиотици и хормони со месо, млеко и јајца?

Македонците пијат многу антибиотици и често тоа го прават на своја рака. Иако опасната навика да се бориме со болести кои не се лекуваат со овие лекови се менува со текот на годините, а свеста за опасноста кај граѓаните расте, лекарите велат дека имаме уште многу работа. Но, дали незнаејќи, со храна од животинско потекло внесуваме и антибиотици, како и лекови кои се употребуваат во ветеринарната медицина, пред се хормони? Што јадеме со месо и производи од месо, млеко и производи од млеко, како и со јајца и производи од нив?

Дали антибиотиците и хормоните се даваат на добитокот за негово лекување како што е правилно и дозволено или пак се користат за зголемување на отпорноста на животните на разни болести предизвикани од бактерии и за зголемен прираст? Српски поранешен ветеринарен инспектор, неодамна, повторно го отвори прашањето за тоа како се одгледуваат животните.

Смртоносни супербактерии

Поранешниот начелник на српската ветеринарна инспекција, Мирослав Стојшиќ, како што објави „Танјуг“, а пренесоа српските медиуми, изјави дека најголем проблем кај нив претставува употребата на антибиотици во добиточна храна, кои се ставаат за добитокот да напредува подобро и да не се разболува. Некогаш, потсетува тој, антибиотиците можеа да се користат само за лекување на животни. По употребата на овие лекови не смеат да се користат млекото и месото од животните додека не помине периодот на каренца (времето кое е доволно за да се исфрлат од организмот).

- Денес состојбата е сосема поинаква. Сега, да им биде полесно и посигурно, мали дози на антибиотици ставаат во добиточната храна и тие се депонираат во месото, па бактериите стануваат отпорни на нив. Потрошувачите кои внесуваат такво месо внесуваат и антибиотици - појаснува Стојшиќ.

Преголемото внесување на антибиотици во организмот прави да стануваме резистентни (отпорни на нив). Имено, кога непотребно се употребуваат тие се помалку делуваат, па кога навистина ќе требаат во случај на болест, објаснуваат научниците, ќе мора да се лекуваме со големи дози или се појаки терапии. Во исто време, честата употреба прави бактериите, против кои се насочени антибиотиците, да стануваат отпорни на нив. Тоа особено се случува кога се внесуваат мали дози, па бактериите не се победуваат до крај. Имено, тие мутираат и така настануваат т.н. супербактерии. Постојат се повеќе супербактерии, кои се смртоносни, особено за организми со низок имунитет, а на нив не делуваат антибиотиците.

Позната метода, но дали се употребува?

Македонските ветеринари и научници велат дека одамна им е позната методата со ставање мали дози антибиотици во добиточна храна.


Методија Трајчев, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вели дека не верува оти поголемите субјекти кои се занимаваат со одгледување добиток и живина употребуваат медикаментозни средства наменети за ветеринарната медицина во недозолени цели (пред се антибиотици и хормони), заради фактот што сето тоа е законски регулирано и контролирано од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Кај нас е пропишано дека антибиотикот може да се користи само во случај на потврдена бактериска болест која се лекува (има бактериски заразни болести кај кои е забрането лекување, како на пример бруцелозата). Со хормони, пак, се третира стерилитетот кај добитокот, но во никој случај не смеат да се користат при гоење на добиток. Доколку не се почитуваат прописите постои сериозен здравствен ризик за луѓето кои ќе консумираат храна од незаконски третиран добиток со овие средства.

Но, дали и малите одгледувачи на добиток се дисциплинирани?
- Законската регулатива важи за сите субјекти, фармери кои се занимаваат со оваа дејност, како за големите, така и за малите фармери. Лицата вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство задолжени за контрола на оваа проблематика, совесно си ги вршат обврските. Друго прашање е дали има доволен број вработен кадар и дали е можна целосна контрола на незаконската употреба на овие средства? - вели проф.д-р Трајчев.

Построги сме од европјаните

Од Агенцијата за храна и ветеринарство објаснуваат дека употребата на антибиотици и хормони во производство на месо и млеко во Република Македонија е законски регулирано со прописи кои се порестриктивни во споредба со европските со кои се усогласени, што е гаранција плус за поголема безбедност на домашното производство на овој тип производи.

- Со законските прописи уредено е правилното и одговорно користење на ветеринарно медицинските препарати, вклучително и антибиотици и хормони. Од 2002 година, Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува Националната мониторинг програма за контрола на резидуи од ветеринарно - медицински препарати и контаминенти во живите животни и храната од животинско потекло, вклучително и на антиботиците и хормоните. Покрај оваа мониторинг програма, испитување на присуство на антибиотици во млеко и месо и хормони во месо се врши и од страна на официјалните ветеринари при секој сомнеж при спроведување на официјалните контроли - велат оттаму.

И операторите со храна,т.е. оние кои работат на нејзина подготовка, имаат законска обврска да спроведуваат сопствени испитувања со кои гарантираат дека производите пласирани на пазарот не содржат остатоци од антибиотици и хормони. Секоја пратка со храна од животинско потекло која се увезува во земјава задолжително е проследена со ветеринарен сертификат, со кој се гарантира дека не содржи ниту остатоци од антибиотици и хормони.

- Официјалните ветеринари на граничен премин од пратките кои се увезуваат дополнително земаат и мостри за лабораториско испитување и на параметрите со кои се гарантира безбедноста на пратката со ветеринарниот сертификат. Освен на граничниот премин, контроли се вршат и на увозните пратки и при истовар – објаснуваат од Агенцијата.

Уредни резултати

Фреквенцијата на испитување, велат од оваа институција, е дефинирана со мониторинг плановите. Оттаму сметаат дека е доволна за да се има увид во ситуацијата со третманите на животните односно присуството на антибиотици и хормони во млеко и месо.

- Резултатите од досега извршените испитувања покажуваат дека храната од животинско потекло пласирана на пазарот во Република Македонија е без присуство на антибиотици и хормони, односно дека од овој аспект таа е безбедна –велат.

За тоа дали правилно се користи оваа терапија кај добитокот проверка прават официјалните ветеринари со земање на официјални мостри и со контрола на плановите за мострирање на операторите со храна. На фарма, одгледувачите на животни потребно е да се придржуваат кон периодот за каренца при третман на животните и да не користат забранети супстанции (хормони) во гоењето на животните, за што е неопходно и водат евиденција.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје