08.09.2019
Живот
Почина драмскиот писател и поет за деца и возрасни Васил Пујовски
Драмскиот писател и поет за деца и возрасни Васил Пујовски почина денес на 72 години.
Васил Пујовски е роден на 1 октомври 1946 во село Д’мбени, Костурско, со потекло од Егејскиот дел на Македонија. Завршил Филозофски факултет во Скопје, работеше во Македонската телевизија. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1968 година.
Во неговото творештво се издвојуваат делата како: „Светот на детскиот сон“ (поезија за деца, 1967), „Пред божји суд“ (поезија, 1969), „Ајде да се дружиме“ (тв-серија за деца, 1985), „Кралот Кускуле први“ (драма, 1992, „Дајте музика“ (поезија за деца, 1994, „Прва лига“ (поезија за деца, 1995), „Ѕвездено дете“ (избор поезија, 1999) и „Ѕверка без мерка“ (поезија за деца, 2000).
Пујовски е автор на голем број македонски хитови од „Макфест“ и „Златно славејче“, како „Кога те нема“ која ја пееше Хелена Благне и „Никола, Никола“ на Оливера Лазаревска.
СВЕТОТ НА БАЈКИТЕ
Крај езерото
на песокта
дечињата направија песочен замок,
потем неколку кули
и куќарки од ситен камен.
... И тука ги збраа:
седумте џуџиња,
Снежана и Синиот принц,
седумте јариња,
Црвенкапа и нејзината баба,
добриот ловец,
Алиса од земјата на вистинските чуда.
Вечерта
дури брановите светот на бајките го сронуваа
дечињата во своите постелки спокојно
сонуваа,
сонуваа,
сонуваа.
ЧУДНА НАСЕЛБА
Има во градот една ограда
на неа се напишани разни имиња,
каубојски чудни прекари
разноразни смешни презимиња.
На таа ограда
потпис има
од Робин Худ и Буфало Бил,
на таа ограда
штом таму минал
автограм оставил
„коњот од Нил“.
На таа ограда
нацртан стои:
тигарот страшен,
снажниот лав,
на таа ограда
кутриот глувчо
в ќошенце стои
премран од страв.
На таа ограда
вцртани има:
бонбони разноразни,
карамели,
на таа ограда
сè нешто има
слаткари разни
дуќани цели.
Од таа ограда
штом сите слики,
вистински станат,
живи се сторат,
населба една цела ќе стане
за неа сите чуда ќе зборат.