X
 15.01.2019 Економија

Најголемата европска онлајн-банка што привлече 257 милиони евра

Германската онлајн-банка „Н26“ ги објави резултатите од своето излегување на светскиот пазар на капиталот, според кои, собрала 257 милиони евра вложувања, зголемувајќи ја својата пазарна вредност на две милијарди и 310 милиони евра. Како некои од своите вложувачи банката ги наведе американскиот фонд „Инсајт Ветур партнерс“ и сингапурската владина инвестициска корпорација (ГИЦ), додека собраниот капитал, како што соопштија оттаму, имаат намера да го искористат за продирање на американскиот пазар.

- Со ваква доверба од вложувачите, подготвени сме да разнишаме една од најголемите индустрии на светот поради чии високи надоместоци патат милиони потрошувачи на светот - истакна соосновачот и претседател на управата на банката, Валентин Шталф.

Најголемата европска онлајн-банка моментално работи на 24 пазари во Европа со два милиона и 300 илјади клиенти, а досега има обработено трансакции во вредност од 20 милијарди евра. Вредноста на депозитот на граѓаните на сметки на „Н26“ е поголема од милијарда евра.

„Фајненшал тајмс“ проценува дека банката, по САД, ќе се обиде да се пробие и на јужноамериканскиот и азискиот пазар.

Во прилог на процените оди и најавата на „Н26“ дека во следните години планира да услужи околу 100 милиони клиенти. Досега привлекла 430 милиони долари од вложувачи.

Харли Милер од „Инсајт Вентур партнерс“ очекува банката уште оваа година да се појави на американскиот пазар.

- Постојат сите предуслови „Н26“ да стане глобален дигитален бренд на пазарот - истакна Милер коментирајќи го вложувањето во банката, која пред нецели 6 години во Берлин ја основале Шталф и Максимилијан Тајентал.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија