15.01.2019
Живот
Српски министер си поднесе пријава против себеси
Српскиот министер за трговија Расим Љајиќ поднесе пријава против себеси до Јавното обвинителство за организиран криминал во Белград откако лидерот на опозициската Српска радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, го обвини дека е „шеф на наркокартел“.
Љајиќ во изјава за белградскиот весник „Блиц“ нагласи дека решил самиот да си поднесе пријава против себе бидејќи му е доста да трпи клевети на негова сметка.
Според „Блиц“, бидејќи никој од надлежните органи не реагирал на обвинувањата на Шешељ, а ниту самиот лидер на радикалите не поднел никаква пријава, Љајиќ отишол во Обвинителството за организиран криминал и побарал да бидат истражени сите обвинувања против него.
Шешељ во обраќање во српското Собрание го обвини Љајиќ дека е шеф на еден од најголемите наркокартели и дека полицијата има оперативни сознанија против него во врска со ваквите активности.
Обвинувањата против српскиот министер за трговија Шешељ ги повтори во неколку наврати, а ги наведува и во неговата книга „Новопазарскиот крал на херионот - Расим Љајиќ“.
Извор: МИА