Српскиот Институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ започна со производство на вакцината „Спутник V“ против коронавирусот и во иднина ќе може да ја извезува и во државите од регионот, соопшти Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ).
- РФПИ и Институтот „Торлак“ објавуваат дека е започното производството на руската вакцина против коронавирусот во Србија. Со ова Србија стана првата држава во Јужна Европа што ќе ја произведува „Спутник V“. Производството во Србија е во согласност со најстрогите стандарди - соопштија од фондот.
Оттаму нагласија дека во иднина вакцината ќе може да се извезува во други земји од регионот.
- Во согласност со договорите постигнати помеѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Институтот „Торлак“ во Србија, во краток рок успешно е започнато производството на вакцината „Спутник V“. Србија е првата европска држава што почна да ја произведува руската вакцина - изјави директорот на рускиот фонд, Кирил Дмитријев.
„Спутник V“ досега е регистрирана во 56 земји во светот. Според податоците објавени во престижното списание „Лансет“, вакцината има ефикасност од 91,6 отсто.
Фото: torlakinstitut.com
Српска гордост
Но, сега вниманието ќе го свртиме кон институтот за кој младите можеби првпат слушаат, додека на постарите им е добро познат - Институтот „Торлак“. Овој институт е гордоста на српското здравство, а неговата историја е долга речиси еден век.
Сè почнало на иницијатива на Милан Јовановиќ-Батут во 1927 година, кога почнала изградбата на зградата на Серовакциналниот завод за производство на серуми и вакцини. Изградбата завршила по три години и тогаш било вселувањето.
Милан Јовановиќ-Батут
Фото: Wikipedia
Тие години почнало и производството на вакцините против дифтерија и тетанус, а вакцинацијата против овие болести била задолжителна. По Втората светска војна била изградена уште една зграда и таму било преселено производството на вакцините против туберкулоза, а во 1958 година експертите од заводот произвеле вакцина против магарешка кашлица, а две години подоцна и против детска парализа.
- На почетокот тоа беше мртва вакцина, но многу брзо се премина на жива вакцина. Тој господин што ја измисли вакцината против детска парализа четири пати доаѓаше во Југославија, во Белград, на „Торлак“, и таа вакцина е правена под негов директен надзор - истакна епидемиологот Радмило Петровиќ.
Најголемото искушение за членовите на тимот била епидемијата на сипаниците. Во дијагностиката помагал голем електронски микроскоп купен од Јапонија. Кога оделе на терен, од опрема имале капи, ракавици и маски, а подоцна добиле и очила и калјачи. Тогаш немало костими за еднократна употреба, па морале да се снаоѓаат. Како што раскажуваат за српските медиуми, стравот бил сојузник во тие ситуации.
- Ние облекувавме по два слоја костими, па кога излегувавме од болничките соби, ги фрлавме, ја симнувавме капата, ја фрлавме, маската, ракавиците и првиот слој од костимите и калјачите - сето тоа се ставаше во еден сад кој потоа се спалуваше - вели Петровиќ.
Првиот карантин бил на Авала. Почитувањето на правците на движење било задолжително.
- Ние имавме конечна деконтаминација, односно туширање со топла вода и сапун и така излегувавме на чистата страна од туш-кабината и таму добивавме сè ново и чисто. На тој начин успешно се штитевме и заштитувавме од инфекција и себеси и сите други што го добиваа тој материјал полн со вирус - раскажува Радмило Петровиќ.
Од 1955 година во „Торлак“ се произведуваат сите задолжителни вакцини што ги пропишала тогашната држава, а таа година почнало и производството на серумот против змиски отров.
Фото: torlakinstitut.com
Некогашната гордост на српското и југословенското здравство - Институтот „Торлак“ во еден момент снабдувал 120 земји низ светот со вакцини. Но, кризата не го одмина и него, па помина доста време додека да се најде стратешки партнер.
„Торлак“ денес има четири национални референтни лаборатории за дијагностика. Покрај производството и дистрибуцијата, поседува и сертификат за Национален склад за вакцини.
Институтот се занимава со производство на вакцини, серуми и други имунобиолошки и дијагностички препарати; со вирусолошка, бактериолошка и имунолошко-алергенска дијагностика; со снабдување на домашниот пазар со вакцини од задолжителната програма за имунизација и со складирање и дистрибуција на вакцини.
Како институтот го добил името?
Според пишувањата на социјалните мрежи и интернет-енциклопедиите, Институтот „Торлак“ го добил името по истоимената населба во Белград, која, барем според рекламите од 1938 година, важела за најздрав дел во Белград благодарение на планинскиот воздух од Авала.
Фото: torlakinstitut.com
А населбата Торлак го добила името по Торлаците, жители на Торлачија, регион кој се простира во југоисточните делови на Србија до Северозападна Бугарија.
Напуштајќи ја Торлачија, бегајќи од турската репресија, народот се сместил во јужната периферија на Белград, која го добила името по нив.
Извори:
telegraf.rs |
rts.rs |
Facebook
Насловна фотографија: torlakinstitut.com