Негуватели, медицински персонал, работници во лабораторија: долга е листата со слободни работни места во болницата Агаплесион во Гисен, Германија. Оние што ќе бидат избрани не само што ќе добијат работно место, туку и солиден бонус.
Станува збор за 2.000 евра премија за работно место во лабораторијата за кардиолошки катетери, за кое штотуку е објавен оглас.
Идејата е да се направи работното место попривлечно.
- Работните места во здравството имаат лоша репутација. Работните услови тука не се толку лоши како што знаат да бидат прикажани во медиумите - вели Ина Јунга, која раководи со одделот за човечки ресурси во болницата.
Многу германски компании, како и оваа клиника, се борат да привлечат работници. Од автомеханичари до монтери на кујни, работодавците ветуваат премии кои се движат од 300 до 4.000 евра.
Анализата на платформата за вработување „Индид“ покажува дека премиите при промена на работното место значително се зголемиле. Во 2019 година од милион огласи за работа на оваа платформа, 3.050 ветуваа премија, а во 2023 година имаше 7.129 такви огласи.
Ова може да се објасни и со увид во состојбата на пазарот на трудот, кој продолжи да се развива во корист на вработените. Според податоците на Институтот за истражување на пазарот на трудот и професионалните истражувања, во моментов во Германија има околу 1,7 милиони слободни работни места, а околу 2,6 милиони луѓе бараат работа.
Тоа значи дека на едно слободно работно место доаѓаат 1,5 лица. Пред десет години тој сооднос беше приближно четири лица по отворена позиција, така што конкуренцијата беше поголема. Денес, работодавците се тие што треба да ја привлечат работната сила.
Патем, премиите се добри за привлекување работна сила каде што недостигот на квалификувани работници е особено голем: на аеродромот во Франкфурт (Фрапорт). Таму премиите за нововработените се исплаќаат од 2022 година, а тој што ќе се вработи добива 1.000 евра премија.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik