ИКЕА сега им дозволува на клиентите да плаќаат за производи со нивното време. Колку повеќе време ќе потрошат за да стигнат до ИКЕА, толку повеќе ќе можат да купуваат. Од почетокот на овој месец ИКЕА-Дубаи води кампања која на клиентите им овозможува да го користат нивното време како валута, покажувајќи му ја на персоналот временската рамка на „Гугл мапс“ што покажува колку време поминале патувајќи до продавниците на ИКЕА.
Оваа промоција ја отвора вратата на значителна и длабока промена во начинот на кој потрошувачите купуваат стоки и како се поврзуваат со брендовите. Во оваа кампања ИКЕА ги охрабрува потенцијалните клиенти почесто да ја посетуваат.
Наречена „Купете со вашето време“, идејата за новата промоција лежи во тоа што клиентите обично поминуваат многу време патувајќи до продавниците на ИКЕА бидејќи продавниците се наоѓаат на периферијата на градовите. Со тоа ИКЕА додаде „временска валута“ за секој производ во продавниците во Дубаи врз основа на просечната плата во Дубаи. Сега клиентите можат да купуваат производи користејќи го времето поминато патувајќи до ИКЕА низ годините.
- Пред кампањата сфативме две работи - времето денес е скапоцено, а многу верни клиенти на ИКЕА трошат значителен дел од него посетувајќи ги нашите продавници, кои понекогаш се далеку од центарот на градот. Сметаме дека е коректно да ги наградиме напорите на нашите клиенти со тоа што ќе им го вратиме времето поминато да стигнат до нас - вели портпаролот на ИКЕА.
Фото: Facebook