Сите понекогаш имаме проблеми со спиењето, а тоа им се случува дури и на лекарите што се експерти во областа на спиењето. Во истражување од 2006 година 68% од испитаниците изјавиле дека имаат проблем да заспијат барем еднаш неделно.
- Нормално за сите нас е да имаме несоница или да не спиеме добро, но проблемот станува посериозен за луѓето што се анксиозни и се фокусираат на нивното спиење. Запомнете, нормално е да спиете лошо одвреме-навреме. Колку повеќе се
нервирате за спиењето, толку се помали шансите да се вратите во нормала - изјавил Рушир П. Пател, медицински директор на Институтот за несоница и спиење во Аризона.
Што прават лекарите што се специјалисти во областа на спиењето кога не можат да заспијат?
Не гледаат на часовникот
- Кога ќе се разбудам среде ноќ, се обидувам да не гледам во часовникот бидејќи така лесно може да станам анксиозен за губењето на сонот и да ја влошам несоницата - вели Раж Дасгупта, помошник-професор по клиничка медицина на Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Слушаат смирувачка музика
- Ја слушам „Спиење“ на Макс Рихтер во бидејќи тоа е уникатна класична музика на која тој работел со невронаучници за да создаде мелодија со тонови кои помагаат во релаксирањето на мозокот и во спиењето. Со сопругата ја користиме и за нашето 15-месечно бебе и му помага - вели Пател.
Фото: unsplash.com
Се обидуваат да уживаат
- Научив да уживам кога сум буден во креветот. Ми претставува задоволство да имам тивко, удобно време за размислување, планирање и едноставно да бидам присутен во моментот. Кога се однесуваш кон ситуацијата како кон „жив“ кошмар, како што го нарече еден пациент, веќе си ја изгубил битката - вели В. Крис Винтер, претседател на Центар за неврологија и спиење во Шарлотвил.
Се потсетуваат дека може да спијат во текот на викендот
- Тоа ми помага да не се грижам затоа што не сум спиел добро минатата ноќ или дека сум уморен дента - вели Пател.
Не гледаат во телефонот
- Се обидувам да не го земам телефонот бидејќи доколку го вклучам, наеднаш почнувам да одговарам на е-пораки, да проверувам „Инстаграм“ или да гледам серија - вели Дасгупта.
Одат во друга соба и читаат нешто здодевно
- Доколку навистина се мачам да заспијам (повеќе од 30 минути), тогаш одењето во друг дел од куќата и читањето нешто здодевно напишано на хартија со слаба светлина ми помага да престанам да размислувам за тоа дека не сум заспал. Потоа се враќам во кревет кога ќе ми се приспие - вели Пател.
Се обидуваат да не земаат апчиња за спиење
- Обично не земам апчиња за спиење бидејќи е лесно да се навикнете на нешто што ви помага да заспиете - вели Пател.
Доколку навистина им треба нешто, земаат малку мелатонин
- Ретко земам мелатонин, 3 до 5 милиграми, по потреба - вели Анупама Рамалингам, лекар специјалист по спиење на Универзитетот за несоница и спиење во Аризона.
Фото: pixabay.com
Излегуваат надвор наутро
- Може да бидете изложени на светлина ако пешачите или појадувате надвор - вели Стејси Ган, лекар специјалист по спиење на Универзитетот за несоница и спиење во Аризона.
Се фокусираат на одмор наместо на спиење
- Знам дека медитацијата е процес на обновување, слично како и спиењето. За разлика од спиењето, одморот е нешто над кое имам целосна контрола. Одбирам да се фокусирам на она што можам да го контролирам - вели Винтер.
Издвојуваат време за вежбање
- За да имам подобар сон, вежбам барем 20 минути дневно, без разлика дали тоа ќе биде во вежбалница или групно пешачење со семејството надвор или во паркот - вели Дасгупта.
Си кажуваат дека не е голем проблем доколку не се наспијат една вечер
- Секогаш си велам себеси дека е во ред доколку не се наспијам доволно вечерва и дека не е крајот на светот. Ова ми помага да не се нервирам, што впрочем може да ви предизвика проблеми со сонот. Исто така, ги запишувам моите мисли - вели Рамалингам.
Одбегнуваат шеќер и кофеин доцна навечер
- Се обидувам да јадам добро пред да легнам во кревет, што не е лесно. Обожавам брза храна, но обично се обидувам да одбегнувам јаглехидрати и храна со многу шеќер и кофеин - вели Дасгупта.
Имаат свои ритуали за заспивање
- Ритуалот почнува два часа пред легнување и се состои од одбегнување на технологијата, читање книги на моите деца, изладување на собите и исклучување на светлата. Кога децата се среќни и мирни, подобро спијам - вели Дасгупта.
Автор: Келси Борсен
Извор:
huffingtonpost.co.uk