X
 15.02.2021 Култура

„Кога јагнињата ќе стивнат“ и Ханибал Лектор: Три децении подоцна филмот и понатаму предизвикува вознемиреност

30 години по премиерата на филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“, а и понатаму продолжува да ги плаши и воодушевува луѓето - зошто?

Ѕидовите на Државната болница за криминалци со ментални нарушувања во Балтимор се направени од камени плочи, како во замок. А младата Кларис Стерлинг слегува во подрумот, во најтемната ќелија на тој замок.

- Здраво - ѝ рече човекот со лицето заковано во решетките. Изгледа како добар дедо и ѝ се насмевнува, но тој е далеку од добар.

Во овие ќелии се најозлогласените криминалци. Кларис полека стигнува до крајот на ходникот каде што, пред ќелијата одделена со стакло, а не со решетки, ја чека дрвениот, неудобен стола.

- Добро утро - ѝ вели човек во син комбинезон, гледајќи ја директно в очи.

- Јас сум студентка, дојдов да учам од вас - вели таа.

Тој, најлош од сите, треба да ѝ помогне да го фати серискиот убиец Бафало Бил.

- Зошто мислиш дека им ја отстранува кожата, агенту Стерлинг? Ајде, воодушеви ме - вели човекот.

- Тоа го возбудува. Повеќето сериски убијци чуваат некаков трофеј од своите жртви - вели таа.

- Мене не - мирно вели тој.

- Не, ти ги изеде твоите - вели Стерлинг.



Три децении подоцна

Оваа сцена, пред точно три децении, во филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“ беше претставена пред кинопубликата од Ентони Хопкинс, во улога на Ханибал Лектор.

Иако Лектор се појавува во филмот само 24 минути и 52 секунди, тој остана еден од најпознатите ликови и негативци во историјата на киното.

Филмот остана еден од последните што освоија пет „Оскари“ во најважните категории - најдобар филм, најдобар актер, најдобра актерка, најдобар режисер и најдобро сценарио, нешто што досега му успеа само на „Лет над кукавичкото гнездо“ од 1975 година и „Се случи една вечер“ од 1934 година.

Филмот заработи 272 милиони долари во 1991 година, а само 19 биле потрошени за снимање, што значи дека заработката беше значителна. Според експертите, филмот роди генерација на филмови и серии што се занимаваат со сериски убијци.

Како што портретирањето на Хопкинс на Лектор стана пример за илустрација на канибал на високо развиена свест и образование, така и Џоди Фостер и Кларис Стерлинг влијаеја врз понатамошните појавувања на силните женски ликови во филмовите.


Зошто филмот е толку добар?

Приказната што жанровски се води како хорор-трилер ја следи младата Кларис Стерлинг, која се обидува да го сокрие акцентот од Западна Вирџинија и да го најде серискиот убиец со помош на Лектор.

Филмот го режира Џонатан Деми, а сценариото го напиша Тед Тели, според романот „Кога јагнињата ќе стивнат“ од Томас Харис.

Филмот е успешен поради неколку клучни фактори: добар оригинален материјал, одмерена и сигурна режија што паралелно ги гради ликовите и атмосферата, како и одлична актерска екипа. Самиот заплет на филмот не е толку силен и спектакуларен како начинот на раскажување на приказната и автентичноста на ликовите. Тоа е одличен показател за филмската вештина, велат експертите.

По овој филм беа објавени неколку продолженија со исти ликови, но со различна филмска екипа и други режисери.

Во 2001 година во продолжението глумеше Џулијан Мур наместо Џоди Фостер, а подоцна излезе и серија „Ханибал“, но ниту еден филм не беше успешен како „Кога јагнињата ќе стивнат“.

Лектор и Кларис

Еден од најголемите квалитети на филмот се ликовите. Маската, цитатите, морничавото свиркање, виното, држењето на телото, говорот, сè што е поврзано со Лектор доби култен статус со текот на годините. Тој е популарен затоа што публиката сака ексцентричност, самодоверба и контраст. Хопкинс го испорачува сето тоа во огромни количини за релативно краткото време што го минува во филмот. Неговиот говор е дисциплиниран, неговите мисли се пресметливи и неговата агенда е апсолутно себична - истовремено е достоинствен џентлмен и морничав психопат.



Токму оваа улога го дефинира начинот на кој актерите почнаа да им пристапуваат на толкување на улогите на слични негативци. Лектор е популарен затоа што му е дадена доза на хуманост, хуманизиран е, исто како што убијците во реалниот живот имаат карактеристики како и сите други. Тој истовремено има и човечка страна и страна на чудовиште, што е карактеристично за луѓето како него - тие се во состојба да изглумат сè, па дури и емпатија, но не ја чувствуваат.

Секако, тука е и одличната Џоди Фостер. Нејзината невиност одлично ѝ одговараше.

Хопкинс и Фостер

Ентони Хопкинс и Џоди Фостер неодамна имаа онлајн-средба по повод 30-годишнината од филмот. Хопкинс се потсети дека сценариото го добил во 1989 година во Лондон.

- Што е тоа, го прашав агентот - вели Хопкинс.

- „Кога јагнињата ќе стивнат“ - рече тој.

- Дали тоа е книга за деца?

Како што вели, едно жешко летно попладне почнал да го чита сценариото и по само десет страници му се јавил на агентот.

- Повеќе не сакам да читам, ова е најдобрата улога што некогаш сум ја добил  - му рекол Хопкинс.

Набрзо отишол на вечера со режисерот, разговарале и тој ја прифатил улогата. Потоа почнало и снимањето. Хопкинс го нашол својот Лектор, неговиот глас (комбинација од „Хал 9000“ од „Одисеја во вселената“, актерката Кетрин Хепберн и писателот Труман Капоте - држењето и неговиот поглед, така што не е ни чудно што Фостер го избегнувала за време на снимањето.

- Дали е вистина дека никогаш не си разговарала со Ентони Хопкинс? - ја праша Грахам Нортон пред неколку години.

- Не, никогаш не разговарав со него. Првиот ден го читавме сценариото. Пристигнав порано, отидов во тоалетот, се вратив, сите седнаа, имавме проба на текстот и до крајот јас повеќе не сакав да разговарам со него - рече таа.

- Го завршивме филмот и воопшто не успеавме да разговараме - вели таа.

- Никогаш не си поминала покрај него на сетот? - ја праша Нортон.

- Не, го избегнував. Навистина го избегнував - рече Фостер.

Сепак, последниот ден Хопкинс ѝ пришол.

- Му реков дека се плашев од него, а тој ми рече дека и тој бил исплашен од мене. Смешно ми беше, зошто некој би се исплашил од мене? - рече Фостер.

За време на нивната средба, Хопкинс се присетил и на договорот со Деми за тоа што ќе прави во неговата прва сцена, кога ја запознава Кларис.

- Ме праша како сакам да бидам прикажан, дали да легнам на кревет, да сликам... Не, му реков. Сакам да стојам и да гледам во стаклото.

- Зошто? - ме праша тој.

- Затоа што можам да ја намирисам како доаѓа.

Интересни факти од снимањето


- На првата сцена со Кларис, Ханибал цело време гледа во камерата. Деми вели дека тоа е за да го видиме од нејзин агол и да се плашиме исто како што и таа се плаши.

- Кога Лектор бил преселен од Балтиром, требаше да биде во жолт или портокалов затворски костим, но Хопкинс ги убеди Деми и дизајнерите на костими дека ќе биде многу понепријатно ако е само во бело. Тој вели дека идејата ја добил поради неговиот страв од стоматолози.

- Активистите за ЛГБТ-правата го критикуваа филмот затоа што го претставил Бафало Бил како бисексуалец и транссексуалец. Некои го обвинуваат филмот за трансфобија.

- Музиката е од Хауард Шор, снимена е во Минхен во 1990 година, а голем дел е изведена од страна на Минхенскиот симфониски оркестар.

- Брук Смит, актерката која ја глумеше киднапираната девојка, за време на снимањето беше многу блиска со Левин, нејзиниот киднапер. Џоди Фостер се шегувала дека е како Патриша Херст, жената позната по тоа што се заљубила во нејзиниот киднапер.

- Деми не бил задоволен од снимањето низ решетки, па затоа одлучил да го стави Лектор зад стаклото. Подоцна решетките биле поразделени од вообичаеното, така што камерата може да му го долови целото лице.

- Кога Кларис раскажува како спасила јагне, ако внимателно слушате, откако ќе каже: „Мислев дека можам да спасам барем едно“, во заднина се слуша како на некој нешто му паѓа.

- Џоди Фостер изјави дека имитацијата на Хопкинс на нејзиниот акцент била целосно импровизирана и дека нејзината реакција била вистинска.



Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура