Во држави каде што цензурата е вообичаена, на пример, Кина, се бришат написи и објави на социјалните мрежи за новиот коронавирус или други ситуации. Впрочем, некои социјални мрежи во оваа земја се блокирани и не може да се користат. Но, сепак, во секоја држава е дозволено да се игра „Мајнкрафт“.
Токму поради тоа, новиот проект на „Репортери без граници“ ја користи „Мајнкрафт“ како платформа за објавување вести без цензура. Проектот е во форма на огромна виртуелна библиотека наречена „Нецензурирана библиотека“, која е направена од над 12,5 милијарди лего-коцки. Во библиотеката, кога ќе пристигне некоја нова вест, тогаш таа се појавува како нова книга.
- Успеавме да изградиме голема библиотека, која ја градевме со месеци и беа потребни повеќе луѓе да ја дизајнираат - вели Роберт-Џан Блонк, продуцент на „Медиамонкс“, партнерска фирма која со „Блокворкс“ од Холандија го дизајнира овој проект.
- Внатре може да најдете написи и информации за многу новинари што се цензурирани во своите држави. Ги споделуваме приказните преку книги кои живеат во таа библиотека и луѓето можат да ги отворат и да ги прочитаат, во секоја држава - објаснува Блонк.
Библиотеката, која е изградена со класичен, формален дизајн, има намера да ги испровоцира владите што кријат информации, па затоа таму може да пронајдете разни информации, на пример, за корупцијата во Египет, за протестите и активизмот во Русија и слично. Исто така, во оваа библиотека може да се најдат информации за убиството на мексиканскиот новинар Хавиер Валдез и протерувањето на новинарот Нгијен Ван Даи од Виетнам.
Информациите што веќе постојат не можат да бидат сменети, но играчите на оваа игра можат да додадат уште нови написи. Доколку владите пробаат да го хакираат серверот на играта, тогаш играта може да се префрли на други сервери.
„Мајнкрафт“ има повеќе од 145 милиони играчи месечно. Тимот на библиотеката се надева дека со ова ќе успее да ја прошири пораката за слобода на говорот. Блонк смета дека ова е уникатен начин на привлекување внимание за цензурите и се надева дека ќе успее во оваа битка, велејќи дека луѓето умираат бидејќи читаат цензурирани вести.
Автор: Адел Питерс
Извор:
fastcompany.com