X
 15.04.2017 Култура

Само еднаш во историјата се случило спојување на католичката со православната црква

Големиот раскол или големата шизма означува канонско одвојување и прекин на литургиската заедница меѓу Римокатоличката и Православната црква која се случила  во 1054 година, кога конечно се поделиле  на  Католичка црква со центар во Рим и Православна црква со центар во Цариград.


Фото: Freepik

До денешен ден, секоја заедница смета дека го носи правото на наследник на единствената Света, соборна и апостолска Црква. Историјата бележи повеќе обиди за надминување на недоразбирањата и расколот, но повторна унија не е создадена до денес.

Заради ова, многу малку се знае за единствениот случај кога Западната и Источната црква повторно се обединиле, макар за кратко!

Тоа се случило на Вториот лионски собор во 1272 година.

Византиските цареви посакувале помирување со Римокатоличката црква од политички причини.  Затоа папата Гргур Деветти од 1272 до 1274 година  свикал собор во Лион, Франција со знаење и одобрување на  византискиот цар Михаил Осми Палеолог, со цел да се направи обид за повторно обединување на двете цркви.

Во тој момент Византија била под закана за напад од страна на Карло Први Анжујски и Михаил се надевал дека со овој чин би можел да ја обезбеди неопходната помош од Запад и затоа дал согласност за свикување на „Собор за обединување“.

За првпат од расколот во 1054 година, грчки православни пратеници присуствувале на Собор на Запад, каде учествувале околу 300 бискупи, 60 игумени и повеќе од илјада црквени великодостојници, претставници на универзитетите како и некои од најучените луѓе на Средниот век.

Во текот на преговорите, православните пратеници го прифатиле догматскиот декрет „Фидели“ каде се потврдува дека Светиот Дух произлегува од Отецот и Синот како едно единствено начело, а не од два различни принципи. Од друга страна, католиците се согласиле да му ја обезбедат на Византија потребната помош од заканите на Карло Анжујски, па соборот резултирал со помирување кое било ратификувано од царот Михаил Палеолог, а прифатено и од Патријархот Јован Единаесетти.

Но, проблемите за Лионската унија почнале непосредно по завршувањето на соборот. Иако се работело за голем дипломатски успех на царот Михаил, Цариград изразил големо и отворено незадоволство кон истата.

Грчката православна црква не прифатила помирување со „римокатоличките латински еретици“. Од друга страна, царот не ја добил ветената помош од Лионскиот Собор. Следниот римски поглавар, папата Мартин Четврти го екскомуницирал Михаил, дозволувајќи му на Крало Анжујски  да ја нападне Византија.

Всушност, веста за помирувањето со Запад во Византија била дочекана „на нож“,  а токму синот на царот Михаил, Андроник Втори го водел антилатинското движење, кој по смртта на Михаил во 1282 година, веднаш ја отфрлил унијатската политика.

Синодот што се одржал во Цариград во јануари 1283 година, одлучил јавно да се запалат сите документи кои сведочеле за Лионската унија, а на царот Михаил Осми му бил ускратено христијанско погребување, опело, дури и помен.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура