За терминот „
адвокат на ѓаволот“ нема кој не слушнал. Меѓутоа, многумина не знаат на што се однесува овој израз. Спорадичните истражувања врз нерепрезентативен примерок покажаа голема креативност во толкувањето на овој поим. Иако сè уште е мал бројот на луѓето кои го знаат вистинското значење на изразот.
Изразот „адвокат на ѓаволот“ или во оригинал „Advocato Diavolo“ е колоквијално име на формална позиција во католичката црква официјално наречена Promotor Fidei. Оваа позиција низ вековите поминала низ разни облици, но всушност секогаш останала тесно поврзана со процесот на канонизација.
Имено, кога до некој соодветен орган во папската администрација ќе стигне предлог за канонизација на некоја личност, задачата на „адвокатот на ѓаволот“ е на секој можен начин да го оспори тој предлог. Без оглед на своите убедувања, тој е должен да изнесе сè, дури и најмалите аргументи кои зборуваат против предложениот светец, без разлика дали неговите гревови биле животни или доктринарни.
„Адвокатот на ѓаволот“ води вистинска истрага за предложената личност, при што ги испитува сите луѓе кои ја познавале, работеле со неа и генерално секој кој има што да каже на таа тема. Тој е некаков вид на филтер што оневозможува некој да стане светец заради моментална популарност, некој над чии лик и дело стои некаков сомнеж, како и спречување избрзани одлуки.
Карактеристичен пример за работењето на „адвокатот на ѓаволот“ е Проспер Ламбертини, кој речиси 20 години ја извршувал функцијата Promotor Fidei, пред да биде избран за папа – Бенедикт XIV.
Тој, честопати, и работите кои на секој начин биле позитивни, умеел да ги претстави како негативни. На пример, во средината на 18 век бил одбиен предлогот за канонизација на еден италијански монах, познат по своите многубројни квалитетни религиозни текстови.
Иако суштината на текстовите воопшто не била спорна, Ламбертини неговите писанија ги претставил како суета, неоправдана желба за истакнување над другите религиозни писатели и затоа предлогот бил одбиен.
Иако неформално била востановена неколку векови претходно, функцијата Promotor Fidei го добива својот основен облик за време на папата Лав X, „Папата Медичи“, во процесот на канонизацијата на Лоренс Јустинијан.
Својот конечен облик оваа функција ќе го добие нешто подоцна, во 1587 година, и оттогаш „адвокатот на ѓаволот“ и официјално ќе стане едно од црковните тела, со тоа што дополнително ќе добие важност на почетокот од 18 век.
Крај на формалното, но делумно и на неформалното постоење на „адвокатот на ѓаволот“ ќе се случи во втората половина на 20 век, најпрво со реформите од 1969 година, кога улогата Promotor Fidei ќе заслабне, за конечно да биде укината од Јован Павле Втори во 1983 година.
Во своето дело „Divini Perfectionis Magister“, тој во потполност го променил процесот на канонизација, ги укинал претходните правила и вовел нови норми. Така функцијата Promotor Fidei е заменета со функцијата Секретар, но со многу помали овластувања.