Иако има многу прашања кои сè уште се неодговорени и за кои допрва ќе се одлучува и ќе се бараат одговори, дел од јавноста ја поддржува идејата за нов систем на основно образование, а дел не. Коментарите одат и во насока на тоа дека целата ситуација се користи за политизација, и покрај тоа што се работи за концепт, па во оваа фаза многу од работите сè уште не се јавно познати
Најавените големи промени во основното образование буквално ги запалија социјалните мрежи во изминативе два дена. Има бурни реакции за новиот концепт, иако сè уште не е во детали познато што точно ќе се менува и како тоа ќе изгледа. За едни, мешањето предмети, односно интеграцијата на историја, географија и граѓанско образование во предмет општествени науки е апсурд, а други, пак, велат дека конечно со тој начин на организација ќе имаме европско образование.
Иако има многу прашања кои сè уште се неодговорени и за кои допрва ќе се одлучува и ќе се бараат одговори, дел од јавноста ја поддржува идејата за нов систем на основно образование, а дел не. Коментарите одат и во насока на тоа дека целата ситуација се користи за политизација, и покрај тоа што се работи за концепт, па во оваа фаза, многу од работите сè уште не се јавно познати.
- И во Турција, каде што живеам, има многу „споени“ предмети. Основите на историја, географија, општество се воведуваат во прво одделение. Прочитав многу негативни коментари и баш сум зачудена. Време е да се растоварат учениците од учење непотребни факти и детали, а наместо тоа, да се воведат содржини како овде, роботика (лего-роботика), компјутери, јазици, шах. Нешто практично, а и нешто што ќе ги учи децата сами да размислуваат, а не само да бубаат напамет податоци и факти - вели една наша иселеничка во Турција.
Други, пак, сметаат дека премногу се експериментира со учениците и со системот на образование низ годините.
- Доста е веќе од експерименти. Жалосно е и за учениците и за наставниците. Ние сме далеку од Европа, Америка, Австралија. Нашите училишта и нашето образование ги немаат тие услови како во развиените земји. Од овие експериментирања сè поосакатени генерации излегуваат - напишала Маја С.
Во групата на „Фејсбук“ - Поддршка за онлајн-настава во учебната 2020/2021 година, професорката Светлана Димитриевска поставила неколку прашања кои се наметнуваат по најавата за новата концепција, која се очекува да започне од идната учебна година.
- Наставници во групава, дали некој од вас е запознаен со идеите и плановите за реформите во образованието? Дали сте можеби во некои работни групи или можеби консултирани за ваше мислење? Исто така, ме интересира дали финската инспирација ќе се пренесе и во училишните услови (со оглед на тоа дека се планира и подолг престој во училиште)? Потоа, просторниот капацитет во многу училишта е под потребното ниво. На кој начин ќе се обезбедат доволно простории? Дали се планира намалување на бројот на ученици во одделенијата? За успешно функционирање на современите креативни методи и поттикнување на критичкото мислење, бројот на ученици не смее да биде повеќе од 15. Дали се планира обука на наставниот кадар и кога? Дали се планира и обука за оценување и вреднување според нова програма? Дали со спојување на некои предмети во еден, некои наставници би останале без своите работни места? - прашува Димитриевска, потенцирајќи дека секоја избрзана реформа дава лош резултат.
Во изминатите години многу често образовни експерти, па и Синдикатот за образование, наука и кутура, предупредуваа дека децата се оптоварени со предмети и дека учат премногу непотребни податоци. Се бараа промени во начинот на учење и во наставните програми во насока на приспособување на образовниот систем согласно современите текови. Овој план и концепт, според надлежните, има цел да ги промени ваквите состојби на подобро.
МОН: Ништо нема да се укине, само ќе се спојат предмети
Не укинуваме ниту една научна дисциплина, нашите ученици треба да се стекнат со сите знаења и да научат да размислуваат, велат во Министерството за образование и наука (МОН).
- Реформите што се подготвуваат во основно образование не значат укинување на ниту една научна дисциплина. Напротив, со нив се подобрува концептот на кој учениците ќе ги изучуваат сите предмети. Новото основно образование на ученикот ќе му даде целосна слика за одреден настан или тема, што се постигнува со интердисциплинарен и интегриран пристап, односно поврзување на информациите од повеќе предмети. Ваквиот пристап им овозможува на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста и да ја согледаат смислата на она што го учат. Министерството за образование и наука ги основа овие реформи врз современи концепти и приоди, а со цел учениците да се стекнат со знаења од сите области - историја, географија или содржини од друга научна дисциплина. Но, тоа ќе биде на начин приспособен на нивната возраст, начин кој ги руши строгите граници меѓу дисциплините и го претставува светот, процесите и појавите во нивната поврзаност и единство. Ваквите наставни планови успешно функционираат во речиси сите земји во Европа, Америка, Австралија, односно во наставниот план на ИБ програмата - појаснуваат во МОН.
Во овој момент, додаваат оттаму, пред јавната расправа се зборува и презентира концепт.
- Конкретните наставни програми во кои ќе бидат поставени очекуваните резултати од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование) ќе бидат дефинирани понатаму. Во овој процес, при изработката на наставните програми, ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области - стои во соопштението од Министерството.