X
 22.12.2024 Наука

Истражувачите на Северните Алпи пронајдоа реликвија што ќе ја промени историјата

Археолозите неодамна открија остатоци кои ја менуваат историјата на ширењето на христијанството во Европа. Скелет кој датира помеѓу 230 и 270 година од нашата ера и сребрен артефакт се пронајдени на местото на поранешниот римски град Нида, во близина на денешен Франкфурт, и го обезбедуваат најраниот автентичен доказ за христијанството северно од Алпите.

За време на ископувањето на цели римски гробишта, археолозите откриле гроб во кој имало скелет со мал метален предмет околу вратот. Станува збор за сребрена амајлија, со големина од околу 3,5 сантиметри, која најверојатно ја носеле на конец како приврзок.

Во амајлијата е пронајден тенок лист сребрена фолија, свиткана како цигара. Бидејќи фолијата била кревка, истражувачите користеле компјутерска томографија (КТ) за да создадат 3Д-модел и да го дешифрираат текстот изгравиран на фолијата. Текстот на фолијата содржи 17 реда, а еве што пишува:

„Во името на Свети Тит.
Свет, свет, свет!
Во името на Исус Христос, Синот Божји!
Господар на светот
се спротивставува колку што може
на сите напади / неуспеси.
Бог дарува благосостојба.
Оваа заштита штити
лице кое
се предава на волјата на
Господ Исус Христос, Синот Божји,
бидејќи пред Исус Христос
секое колено ќе се поклони: небесно,
земско и
под земја, и на секој јазик
се исповеда (Исус Христос).“

Овој запис дава непобитен доказ дека христијанството дошло до овој дел од Европа децении порано отколку што се мислеше. Се претпоставува дека личноста чии останки биле пронајдени е христијанин, иако неговиот идентитет останува непознат.

Христијанството, кое започнало како мала еврејска секта во провинцијата Јудеја во 1 век, се проширило низ Римската Империја и покрај прогонството. До 4 век христијанството било легализирано, а подоцна станало официјална државна религија. Иако постојат историски референции за христијански групи во Галија и Горна Германија кон крајот на 2 век, тие често се сметаат за неверодостојни. Сепак, „Франкфуртскиот натпис“ претставува конкретен доказ за присуството на христијанството во регионот уште во 3 век.

Градоначалникот на Франкфурт, Мајк Јозеф, го опишал натписот како „научна сензација“, додавајќи дека откритието ја менува историјата на христијанството во Франкфурт и пошироко за 50 до 100 години.

- Првото христијанско откритие северно од Алпите доаѓа од нашиот град: можеме да бидеме горди на тоа, особено сега, толку блиску до Божиќ. Луѓето што учествуваа во истражувањето завршија одлична работа - вели Јозеф.

Д-р Ина Хартвиг, раководител на Одделот за култура и наука во Франкфурт, ја истакнала важноста на ова откритие за различни научни дисциплини, вклучувајќи археологија, религиозни студии, филологија и антропологија.

- Ова е навистина извонредно откритие што ќе ги држи научниците зафатени со години - заклучила таа.

Откритието во Нида претставува уникатен увид во раните чекори на христијанството во Европа. Покрај тоа што дава сведоштво за ширењето на верата, отвора нови можности за разбирање на меѓусебното влијание на римските и христијанските заедници во тој историски период.

Извор: klik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука