Пентагон објави нови детали за трите мети на американските напади изведени заедно со британските и француските сили.
Коалицијата со 76 проектили го нападна Центарот за истражување и развој Барзах во близина на Дамаск. Центарот е уништен, а сириските способности кога станува збор за хемиското оружје се уназадени за години, стои во првичните
процени.
Втората и третата мета се дел од она што американската војска го опиша како комплекс за хемиско оружје Хим Шиншар, во близина на градот Хомс. Воените сили истакнаа дека со нападите целосно бил уништен магацинот со хемиско оружје и успешно бил погоден и била нанесена штета на бункерот за хемиско оружје во инсталацијата.
Барзах пред нападот (снимка на Пентагон)
Фото: The Washington Post
-Распоредивме 105 оружја против три мети, што ќе влијае на способноста на сирискиот режим да развива, распоредува и користи хемиско оружје во иднина - истакна генералот Кенет Мекензи, кој за објектите рече дека се фундаментални компоненти на инфраструктурата за хемиска војна на режимот.
За да ги изврши нападите, американската војска се обедини со британските и француските единици и нападна од воздушните и поморските платформи во Црвеното Море, Персискиот Залив и источен Медитеран.
Барзах по нападот
Фото: The Washington Post
Во 2017 година, инспекторите од Организацијата за забрана на хемиско оружје го посетија објектот Барзах. Местото е дел од Сирискиот центар за научни студии и истражувања (ССРЦ), организација за која Американците велат дека е сириска владина агенција одговорна за развивање и производство на неконвенционално оружје и средства за негово пренесување. САД воведе санкции за 271 вработен во ССРЦ минатата година како одговор на нападот со сарин над цивилите во Кан Шејхун. Како одговор на користењето на хемиско оружје во Кан Шејхун, администрацијата на Доналд Трамп минатата година изврши ракетен напад над една од најголемите воздушни бази на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Според извештај на Би-би-си, направен кратко по минатогодишниот напад, сириската влада продолжила да произведува хемиско оружје во истражните објекти. Цитирајќи документ од западни разузнавачи, британскиот медиум извести дека сириската влада правела хемиско оружје во три објекти на ССРЦ, вклучително и оној во Барзах, за кој коалицијата составена од американски, британски и француски сили рече дека го уништила во петокот. Според Би-би-си, објектот во Барзах бил специјализиран за инсталирање хемиско оружје на артилерија и проектили со голем дострел.
Многу помалку се знае за нападнатиот објект во близина на Хомс. Американската војска го опиша како комплекс за хемиско оружје Химс Шиншар. Во 1980-ите години, „Њујорк Тајмс“ објави сторија за воздушна база во близина на Хомс, позната како Шиншар, каде Советскиот Сојуз инсталирал противвоздушни проектили, примарно наменети за заштита од израелски напади. По американската инвазија на Ирак и среде трагањето по оружјето за масовно уништување на Садам Хусеин, имаше гласини за подземен магацин за хемиско оружје во Шиншар.
Од британското Министерство за одбрана истакнаа дека мета на нападот кај Хомс била поранешна воена база, која била на околу 15 милји западно од градот, каде се проценува дека режимот чуваат прекурзори на хемиско оружје, што е прекршување на обврските на Сирија според Конвенцијата за хемиско оружје.
Британците истакнаа дека била искористена внимателна научна анализа за да се одреди каде да се насочат британските проектили за да се максимизира уништувањето на собраните хемикалии и да се минимизира ризикот од загадување на околината.
Од Пентагон истакнаа дека објект за складирање и бункер за хемиско оружје биле нападнати во близина на Хомс. Мекензи рече дека првичните проценки посочуваат дека магацинот е уништен, но дека бункерот бил погоден и оштетен, што сугерира дека Пентагон не е убеден дека нападите целосно го уништиле подземниот комплекс или немале намера да го направат тоа.
Не е јасно дали објектите споменати во статијата на „Њујорк тајмс“ во Шиншар се истите како комплексите кои беа погодени сега.