Во рамките на проектот „Мојата успешна приказна“ што го реализира Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО, на 14.4.2021 г. за студентите и академската заедница на УКЛО се одржа онлајн-средба со г. Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал“- Охрид.
Говорејќи за неговата кариера и професионален пат, тој нагласи дека вложениот труд, постојаната едукација и лично усовршување се важни за трасирање на патот до успехот. Воедно, го потенцира значењето на студентската пракса како нужно дополнување на теоретските знаења и воедно, дополнителна можност тоа искуство да се имплементира во компаниите и личниот кариерен развој.
Во вториот дел од настанот Виктор Мизо ја претстави компанијата и ги презентира можностите студентите од УКЛО да се вклучат и да ги користат бенефитите од програмите Инженери на тренинг и Летна студиска програма, во кои може да се пронајдат и да го аплицираат своето знаење и идно вработување. Мизо истакна дека вклучувањето млад инженерски кадар е влог во иднината на компанијата со што се прошируваат и подобруваат капацитетите од човечки ресурси. Студентите од УКЛО учесници на настанот покажаа особен интерес кон програмите за поддршка на недипломирани и дипломирани кадри. Во таа насока Mизо ја потенцира перманентната соработката со академијата и ги објасни подетално актуелните програми што ги нудат програмите на „Костал“: Инженери на тренинг и Летна студиска програма.
Во врска со Инженери на тренинг тој објасни дека програмата опфаќа завршени инженери или оние што се при крај на студиите, или на кои им останала само дипломската работа. Станува збор за програма во траење од 12 месеци во која младите инженери во првите два месеца ротираат низ четири сектори: квалитет, производство, производствен инженеринг и логистика, за да видат кон кој сектор имаат најголем афинитет и што е најапликативно за нив, по што избираат еден фокус-оддел во кој ќе работат 6 месеци и секундарен фокус-оддел, во кој ќе поминат уште 3 месеци. На крај, по евалуацијата, добиваат соодветен ангажман според нивната желба и афинитети во компанијата. Во периодот од 12. месеци во компанијата младите инженери имаат ментор и со тоа и можност полесно да ги усовршуваат инженерските знаења приспособени на потребите на компанијата.
Во врска со Летната програма, тој потсети дека идејата е таа да трае 9 недели, минатата година поради мерките од ковид-кризата Програмата е реализирана во траење од 5 недели и таа им помага на студентите да научат повеќе и воедно да осознаат како да го аплицираат знаењето во последните години од студиите. Виктор Мизо потенцира дека за време на престојот во компанијата за студентите од двете програми, покрај платен ангажман, им се обезбедува и соодветно сместување и она, што според него е важно, е дека како компанија ги одбираат најдобрите студенти од летната пракса. Имено, избираат пет најдобри студенти и им даваат стипендија за четвртата година од студиите и тоа истовремено значи понуда за работа, односно по завршување на студиите студентите имаат обврска да се приклучат во тимот на компанијата. Според Мизо, студентите на овој начин имаат и можност во рамките на праксата за изработка на дипломската работа или каков било друг проект или проект потребен за време на студиите, и други практични активности, преку кои може да ги аплицираат знаењето и едукацијата врз реални проблеми.
Инаку, Виктор Мизо е директор на една од најуспешните странски инвестиции кај нас, со над 650 вработени, која е дел од германскиот гигант и произведува автомобилска и индустриска електроника за најпознатите автомобилски брендови и денешното поврзување со студентите и академскиот кадар од УКЛО е само дополнително продолжување и продлабочување на воспоставената соработка.
По однос на настанот и претходно одржаниот успешен работен состанок со претставниците од „Костал“ и претставници од менаџментот на УКЛО, проректорот за студентски работи, проф. д-р Марјан Ѓуровски, истакна дека УКЛО и оваа реномирана компанија ја продлабочуваат успешната соработка и преку овие настани и други форми на презентација им се излегува во пресрет на студентите, да им „се отвори врата“ за студентска пракса и за нивно вклучување во практичните програмите што ги нуди „Костал“, што овозможува спој на теоријата и праксата. Проректорот Ѓуровски очекува мислење и од оваа компанија и од други претставници од реалниот сектор за студиските програми на УКЛО, колку тие соодветствуваат на потребите на компаниите. Ѓуровски воедно потенцира дека при реализација на намерата: одредени апликативни предлози за дипломски, магистерски и докторски трудови, Универзитетот и бизнис-заедницата си помогнат и на тој начин се подобрува високото образование и се унапредува квалитативно работата на реалниот сектор со соодветен стручен и обучен кадар. Оттука, според Ѓуровски, со проектот „Мојата успешна приказна“ УКЛО е во функција на промоција на студиските програми и воспоставување поинтензивна соработка со бизнис-заедницата, и со конкретниот настан УКЛО воспоставува поблиска соработка со овој значаен производствен капацитет, со што на студентите им се дава можност својата иднина и кариера да ја пронајдат во компанијата.
Инаку, клучната улога на Центарот за кариера, алумни и доживотно учење, познат под акронимот КРЕДО центар, е да им помогне на студентите на УКЛО во развивањето знаења и вештини кои ќе им бидат потребни при вработувањето, преку можноста за практикантство во компаниите, да им помогне во стекнувањето работно искуство за време на студирањето, да ги запознае со деловниот свет и да ги подготви студентите за успешна транзиција кон следното ниво на развој на кариерата по дипломирањето.
(Комерцијална објава)