X
 29.06.2021 Здравје

Може да се вакцинираат по 10-15 илјади граѓани дневно. Вакцините на „Синовак“ се безбедни и ефикасни, вели проф. Грозданова

Филипче изјави дека доколку продолжи овој тренд со ширење на вирусот би можело да се случи во август или на почеток на септември годинава да се прогласи крај на епидемијата

Крај на пандемијата не се вакцините туку самиот процес на вакцинација, рече претседателката на Националниот комитетот за имунизација проф. д-р Александра Грозданова на трибината на тема „Вакцинација и предизвици со ковид-19“ заедно со министерот за здравство д-р Венко Филипче, проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог и проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

Грозданова очекува дека во текот на летото ќе се аплицира доволен број на вакцини за доколку наесен се јави одредена промена на епидемиолошката состојба да бидеме спремни и индивидуално но и општествено.

-Соочувајќи се со нов бран всушност сој на делта-вирусот верувам дека сите ќе станеме уште посвесни дека единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација. Ова е одличен период кога бројките на заболени се намалени и достапноста на вакцините е голема за да може населението да дојде и да се вакцинира. Така што еден јавен апел до сите без размислување најпрво да го пријават својот интерес затоа што тоа е наједноставниот начин да се добие терминот за вакцинација и потоа нормално да се вакцинираат - рече Грозданова.

Грозданова објасни дека кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“ претставуваат класични вакцини каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната. Оттука вели Грозданова кај широката популација можеби се доживува како една од најбезбедните платформи во однос на новите вакцини како што беа РНА-вакцините. Во однос на возрасна на којашто се дава, Грозданова рече дека нема ограничување и дека во Кина се аплицира и кај деца над 3 години, а во нашиот случај ќе се користи над 18 години и без ограничување на возраста кај возрасните. Вакцината се препорачува кај доилки и трудници за разлика од руската „Спутник“ која што е јасно контраиндицирана за трудници и долки.

-Вакцината е доста безбедна и ефикасноста се движи помеѓу 56% и 78%. Истата е препорачана од страна на СЗО и веќе неколку земји во светот ја користат. Очекуваме и интересот на граѓаните особено по појавувањето на делта сојот односно индискиот сој да се зголеми. Втората доза се дава помеѓу 14 и 28 дена и во нашите протоколи ќе биде избран 21 ден односно на три недели ќе се аплицира втората доза - потенцираше Грозданова.

Прележувањето на ковид -19 обезбедува имунитет најмалку од шест па и девет месеци па оттука на лицата коишто ја прележале болеста им се препорачува вакцинација најрано три месеци по прележувањето односно по комплетното нивно оздравување, додаде Грозданова.

Инаку, министерот Филипче изјави дека доколку продолжи овој тренд со ширење на вирусот би можело да се случи во август или на почеток на септември годинава да се прогласи крај на епидемијата. За да се прогласи крај на епидемијата, потребно е да нема нови дијагностицирани случаи два репродуктивни циклуса од 14 дена.

Од денеска почнува дистрибуција на вакцините на „Синовак“ во сите центри за имунизација и во центрите за масовна вакцинација, односно спортските сали и здравствените домови. Филипче посочи дека со ова се спремни за динамика на давање прва доза на вакцина на 10 до 15 илјади граѓани на ден, како и дека од 15 или 20 јули е предвидена да започне теренската вакцинација.

Фото: Борче Поповски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје