X
 15.04.2022 Наука

НАСА штотуку ја потврди најголемата комета некогаш откриена

Во новото истражување астрономите го користеле вселенскиот телескоп „Хабл“ за да потврдат дека цврстиот центар на џиновската комета C/2014 UN271 (Бернардинели-Бернштајн) е најголемото јадро досега откриено на комета. Оваа комета е 50 пати поголема од повеќето познати комети, со ширина од речиси 140 километри.

Сепак, таа неверојатна џиновска големина може да каже повеќе за нас и нашата ограничена концепција на комети отколку за што било друго.

C/2014 UN271 потекнува од Ортовиот облак: џиновско, сферично расејување на ледени објекти кои се на растојание од Сонцето на најдлабоките и најоддалечените делови на нашиот Сончев Систем (всушност, се смета дека толку далеку се протега најмалку една четвртина на патот кон следниот најблизок ѕвезден систем, Алфа Кентаур).

Звучи прилично големо, нели? Но, тоа е теоретски гледано. Сепак, Ортовиот облак е толку далеку и толку е тешко да се открие, што во основа е џиновска хипотетичка мистерија, иако астрономите сметаат дека е една од најголемите структури во нашиот Сончев Систем.

Меѓутоа, одвреме-навреме нешто излегува од оваа загадочна маса, гравитациски привлечена кон Сонцето.

С/2014 UN271 е таков објект и ни кажува многу за постоењето на замрзнатите маси што го сочинуваат Ортовиот облак. Се смета дека тие се формирале рано во внатрешниот Сончев Систем, пред да бидат исфрлени до неговите најоддалечени рабови од гравитационите ефекти на џиновските планети како Јупитер и Сатурн.

- Оваа комета е буквално врвот на ледениот брег за илјадници комети кои се премногу слаби за да се видат во подалечните делови на Сончевиот Систем. Отсекогаш се сомневавме дека оваа комета сигурно е поголема бидејќи е толку светла на толку големо растојание. Сега потврдуваме дека е - вели астрономот Дејвид Џевит од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес.

Во новата анализа Џевит и колегите, предводени од првиот автор Ман-То Хуи од Универзитетот за наука и технологија во Макао, ја пресметале големината на C/2014 UN271 со највисока резолуција досега. Тие се надоврзале на претходните процени користејќи го набљудувањето и моделирањето на „Хабл“ за да го изолираат јадрото од комата на кометата - долгата опашка од мраз што се сублимира во гасови во пресрет на кометата.

nasa
Фото: NASA/ESA/Zena Levy, STScI

- Потврдуваме дека C/2014 UN271 е најголемата комета откриена досега - пишува тимот во нивниот нов труд.

Откривањето на C/2014 UN271 беше објавено минатата година, откако беше пронајдена скриена во тело на набљудувачки податоци за темна енергија помеѓу 2014 и 2018 година. Последователни анализи откриле дека кометата всушност била откриена уште во 2010 година.

Сепак, дури и тој ран поглед не почнува да ја опфаќа неверојатната должина на патувањето на кометата. Кометата следела приближно 3 милиони години долга елиптична орбита околу Сонцето, чија форма значи дека полека се приближува кон Сонцето значително повеќе од 1 милион години.

Кометата треба да го достигне својот најблизок пристап до Сонцето - познат како перихел - во 2031 година.

Наодите се објавени во „Астрофизикал журнал летрс“.



Извор: Science Alert
Фото: NASA/ESA/Man-To Hui, Macau University of Science and Technology/David Jewitt, UCLA/Alyssa Pagan, STScIл
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука