X
 28.03.2020 Живот

Коронавирус: како дејствуваат полицијата и армијата во вонредна состојба?

Пишува: проф. д-р Оливер Бакрески - Институт за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет

Безбедносниот сектор во нашата држава (полиција, армија, разузнавачки служби, приватно обезбедување итн.), со неговата флуктуирачка природа се смета дека се раководи на определени пропишани правила испишани на хартија за да се осигури дека се остваруваат. Исто така, тоа се субјектите исполнети со луѓе кои се од различна возраст и имаат помало или поголемо животно и работно искуство. Имаат конкретни овластувања од највисоки до најниски и се ангажирани во остварување конкретни задачи за потребите на институцијата и на државата во целост. Тоа се вработените што се задолжени за националната безбедност и на нив безрезервно и безусловно се потпира државата, затоа што тие се и клучни носители на безбедносната дејност.

Проф. д-р Оливер Бакрески

Проблемите поврзани со коронавирусот со кој се соочува нашата држава беа јасен сигнал, пред сè, за полицијата и за македонската армија како фундаментални конституенси и гаранти на стабилноста и безбедноста на државата да се вклучат целосно за да помогнат во ситуацијата во согласност со начелата и вредностите на едно демократско општество.

Денес, основното прашање што се поставува пред целокупната јавност е: Дали безбедносните субјекти во вакви околности можат да одговорат на новиот предизвик?, а централното прашање е: Дали соработката што беше официјализирана помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана од 2012 година со меморандум за соработка, со која се создаде основна концептуална рамка за меѓусебна соработка, е доволна во ситуација кога не се донесени дополнителни протоколи за извежбување на заеднички активности кои се своевидна основа за да овозможат непречен, заеднички и координиран настап и оперативно дејствување. Односно, дали концептуалната рамка е доволна за да се создаде условно еден систем кој сам по себе треба да се очекува дека ќе ја обезбеди потребната функционалност.



Сепак, без разлика на усогласеноста помеѓу институциите, која е комплексна и тешка задача, мора да се согласиме дека и состојбата со вирусот се одликува со голема специфичност, динамичност и сложеност, а тоа наметнува дејствување сега и одма за да се обезбеди спроведување на мерките на Владата за непреченото функционирање на државата. Не треба да се заборави дека ова е исклучително тешка задача и нема дилема дека ефикасноста зависи од ангажирањето на сите вработени во безбедносните институции без исклучок, и без селективност, затоа што секој поединец со своето знаење, искуство, вештини, одговорност придонесува за етичко и за професионално работење и, секако, неговите поединечни напори ќе придонесат да се заокружат заедничките напори за да можат да се усогласат институциите за да функционираат како заедничка хармонизирана целина. Секако дека тоа не е ниту лесно ниту едноставно, но како што нагласив, ова бара целосна вклученост на сите вработени бидејќи нивното знаење, искуство и прагматизам се од непроценливо значење за да се обезбеди соодветно дејствување во услови кои попримаат егзистенцијален карактер, а прашањата што се врзуваат за соработката и координацијата меѓу безбедносните субјекти сите години наназад од нашето осамостојување беа и ќе останат да бидат предизвик за кој треба трајно да се ангажираме.

Како што е познато за нашите граѓани, Владата на 21 март 2020 година донесе уредба со законска сила според која ја задолжи армијата, покрај нејзиното ексклузивно право доверено за одбраната на државата, заштитата на основните вредности и претпоставки за опстојување на државата. Ѝ се овозможува да се вклучи и во сензибилното постапување во вонредни ситуации со цел обезбедување и надзор на државната граница, да врши контрола на влез и излез на патни правци, да врши физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од МВР за да обезбеди поддршка, да дава поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или други државни институции со цел спречување на ширење на заразата предизвикана од вирусот итн., односно задачи кои раководејќи се на функционална димензија на армијата, не се во генералната определба и во основата на која се гради и се определува нејзината структура во нормални околности.

Поради новонастанатата состојба во извршување на потребните оперативни задачи, во МВР се формира оперативен штаб со цел полицијата и армијата да ја обезбедат потребната соработка, синхронизација и координација за поефикасно справување и приспособување на конкретната закана од коронавирусот за граѓаните и за општеството. Приспособувањето на новите реалности кои имплицираа сериозни удари - здравствени, општествени, политички и безбедносни наметна овие две институции да ја изразат потребната кохерентност и одговорност за преземање соодветни чекори во насока на артикулација и јасна безбедносна ориентација која придонесува за оптимално решавање на проблемите на терен.



За ефикасно спроведување на потребните активности, нема дилема дека и полицијата и армијата треба да ги усогласат оперативните планови и да ги синхронизираат своите активности за да се намали неизвесноста, но и да се подобри организацијата за работа која апсолутно не е ниту рутинска ниту секојдневна со оглед на новонастанатите околности. Сето ова барем кај граѓаните симболизира одредена издиференцираност која гледана низ призмата на односите во општеството им дава понагласена улога на вработените во безбедносниот сектор и во овие околности секако и на здравствените работници, кои се најважната алка за надминување на состојбата наспроти другите институции во државата. Тоа значи дека полицијата и војската како исклучиво автономни социјални ентитети со своите цврсти структурни позиции и со влијанието што го имаат во општеството играат многу важна улога во оваа комплексна и тешка состојба, затоа што сега покрај нивната основна функција, мора да се ангажираат индиректно и во зачувување на здравјето на граѓаните, придонесуваат за авторитетот на државата, а со заштита на највисоки вредности на општеството, односно обезбедување на основните општествени вредности, нивното значење е далеку поголемо.

Во основа, полицијата и војската во вршење на својата работа во вонредна состојба мора да имаат моќ и авторитет затоа што од нив се очекува ако евентуално се појават безбедносни проблеми, да ги решат тие проблеми во целост. Од друга страна, условно, излегувањето на армијата од касарна не треба да значи дека нејзиното дејствување би ги загрозило демократските процеси во општеството, но и интересите на самите граѓани, освен се разбира во кратки периоди додека трае вонредната состојба. Тука се наметнува прашањето како е можно да се постигне сето тоа. Одговорот на оваа дилема е едноставен и тој нагласува три аспирации: легитимност, професионализам и одговорност.

Во вакви сложени ситуации уште едно прашање го заслужува потребното внимание. Така, кога реално човечките ресурси се исклучително важни и мора да се води сметка за да не дојде условно до „замор“ од постојаната ангажираност на вработените во полицијата и во армијата, нема дилема дека соодветно на предизвикот без исклучок може да одговори и приватното обезбедување како дел од безбедносниот сектор и покрај неговата насоченост и првенствена грижа за работите поврзани со заштита на лицата и на имотот - ангажман кој придонесува за поголема превенција и намалување на материјалните загуби. Нема дилеми дека може да се смета и на овој значаен сегмент и на овој субјект кој во надминување на општата генерализирана состојба наметната од вирусот е приспособен да одговори на предизвиците и на состојбите, односно е оспособен да одговори на структуралните ризици врз здравјето на лицата, пред сè, како и кон заштита на имотот преку примена на определени механизми на заштита за спроведување на најдобрата безбедносна практика во работењето.

Значи, станува збор за дејност која е и реален партнер на јавната безбедност во државата и покрај нејзините изразени елементи на апсолутна доминација на приватната сопственост. Ова е и можност покрај полицијата, армијата и приватните агенции за обезбедување, како и другите безбедносни актери, да се вклучат во заедничките напори за заштита на здравјето на граѓаните и на нивната сопственост, како и на нивните животи. Ова во голема мера ја наметнува и потребата за соработка на ниво на функционалност/контрибуција меѓу овие субјекти, која треба да биде несебичен инструмент во вкупниот придонес/ефект на градењето заеднички одговор против оваа закана за луѓето што остава силни импликации врз здравјето и врз безбедноста.

Фото: Борче Поповски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот