Борис Гушевски и Меланија Илова заклучуваат дека напредните батерии ќе придонесат за замена на производството на електрична енергија од фосилни горива со обновливи извори, зголемување на бројот на електрични возила и поголема заштита на животната средина.
Со намалените ресурси на фосилни горива и растот на обновливите извори на енергија се јавува потреба од ефикасен начин на складирање на произведената енергија, за што од голема полза можат да бидат батериите. Токму технолошкиот развој на батериите, од најстарите типови до новите иновативни концепти како што се тврдите и литиум-серводородните батерии, го истражуваа студентите на Техничкиот факултет во Битола - Меланија Илова и Борис Гушевски, кој воедно е и претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Истражувањето го правеа под менторство на проф. д-р Методија Атанасовски и е објавено во универзитетското списание „Нови хоризонти“ како научен труд.
Складирање на енергијата од обновливи извори и кога тие не се достапни
- Студиите и истражувањата во областа на батериите за складирање енергија ни потврдуваат дека батериите играат клучна улога во преодот кон поеколошки и одржлив енергетски модел. Тие имаат способност да го револуционизираат начинот на кој го користиме електричниот потенцијал, од превозните средства, па сѐ до домаќинствата. Со примената на овие батерии се овозможува посигурно и ефикасно управување со енергетските мрежи, се намалува зависноста од конвенционалните мрежи и се намалува емитирањето на гасови штетни за здравјето. Новиот тип на батерии овозможува складирање на енергија од разни обновливи извори, како сончева така и ветерна енергија, што ги прави одлични за користење во ситуации кога изворите не се воопшто достапни или пак едноставно не произведуваат доволно енергија - вели Меланија Илова.
Студентите во трудот посочуваат дека батериите се одличен начин за складирање енергија за подоцнежна употреба бидејќи таа може да се складира долги временски периоди. Така, сончевата и енергијата на ветерот се произведуваат само кога се на располагање сонце и ветер. Но, батериите овозможуваат складирање на вишокот енергија од нив и нејзино користење кога сонцето и ветерот не се достапни. Батериите се уреди кои го конвертираат електричниот потенцијал во хемиски и обратно, овозможувајќи го складирањето и повторна употреба на електричната енергија. Ова е од суштинско значење кога произведената енергија не може одма да се искористи или кога е потребна дополнителна енергија во периодите на висока потрошувачка. Оваа технологија наскоро би можела да овозможи поголема заштита на животната средина, односно да го намали загадувањето на природата.
- Со постојаниот напредок во областа на батериите може да се очекува понатамошно намалување на цените, подобрување на перформансите и намалување на штетното влијание врз околината. Батериите како технолошко решение овозможуваат флексибилност, стабилност и ефикасност во управувањето со енергијата, а со тоа се подобруваат перформансите на енергетската инфраструктура - додава Илова.
Истражувањата биле спроведени во факултетските лаборатории
Во трудот студентите ги истражуваат различните аспекти на батериите за складирање енергија, како што се функцијата, видовите, предностите и слабите страни.
- Огромна е честа што нашиот труд се најде во универзитетското списание, темата е технолошко достигнување на батериите, интересен труд од аспект на електроинженерството. Истражувањата ги вршевме на факултетот и многу ни помогнаа лабораториите што ги имаме на располагање, особено за делот на експериментирањето – вели Борис Гушевски.
Истражувањето покажа дека никел-метал хидридните батерии имаат повисока моќност и се еколошки, но и висок степен на самопразнење, ограничен работен век и ефикасност. При брзо полнење на батеријата можно е да се создадат големи количини на топлина, а акумулацијата на водород да предизвика прекин, што доведува до намалување на капацитетот. Оваа батерија најчесто се употребува во лесно преносливи уреди.
Тврдите и литиум-серводородните батерии ветуваат револуционерни измени во енергетиката
Студентите сметаат дека литиум-јонските батерии се меѓу најперспективните технологии за складирање електрична енергија. Тие се користат во електричните возила, на пример, „тесла модел C“, a „Тесла“ планира годишен капацитет на производство на литиум-јонски батерии до 35 гигават-часови и предвидува намалување на центата за повеќе од 30 проценти. Тие се користат и во мобилните телефони, лаптопите и обновливите извори на енергија.
Натриум-сулфурните батерии можат да работат на високи температури, па се користат во жешки, сурови околини. Во текот на оваа деценија играат важна улога во електроенергетскиот систем и производството на енергија од обновливи извори. Но, мора да се внимава зашто чистиот натриум е опасен и може ненадејно да гори при допир со воздух и влага.
Проточната (RFB) батерија има долг век на траење, а времето на префрлување помеѓу полнење и празнење често е помало од 0,02 секунди, па е добро приспособена за балансирање на многу променливи обновливи извори на енергија.
Гушевски и Илова заклучуваат дека тврдите и литиум-серводородните батерии се само некои од напредните концепти кои ветуваат револуционерни измени во енергетиката и складирањето енергија.
- Со секој нов напредок батериите стануваат посилно орудие за справување со современите предизвици како замена на горивата, зголемување на бројот на електричните возила и посилна интеграција на обновливите извори на енергија - заклучуваат Гушевски и Илова.
Фото: приватна архива