Штефен Крафт е германски дизајнер чие поле на интерес е многу широко - тој се занимава со екодизајн, илустрација, љубител е на природата, јогата, своевиден екоактивист. На неговиот профил на „Инстаграм“, под името Iconeo, редовно објавува дела кои претставуваат критика на модерното општество и сите негативности што се негов производ.
Војните, светската политика, загадувањето на океаните, беспомошноста, лакомоста, несигурноста, осаменоста се теми со кои тој се занимава во поединечни, специфични серии трудови. Парадоксот на модерниот свет во неговите трудови се огледува во заедничките неизговорени мисли на ликовите - како двајца војници што впериле оружје еден кон друг и го мислат истото: Не сакам да го убијам, но тој сака да ме убие мене. Или четворица минувачи на улица кои (за жал) размислуваат исто: Јас сам/а не можам да го променам светот.
Лицемерните и скриени мисли на политичарите исто така се тематика со која се занимава Штефан, но и некои други теми, како социјалните мрежи и нашата опседнатост со нив, вегетаријанството и недостигот од него, откажувањето пред почетокот...
Луѓето ги претставува без лицата, со што ги деперсонализира и со тоа испраќа симболична
порака.
Покрај мрачните аспекти на нашето општество, тој се занимава и со нештата на кои треба да бидеме горди и кои ја осветлуваат нашата егзистенција, како што се музиката, љубовта, медитацијата итн. Бидејќи не е сѐ така црно - и кај најголемите реалисти и критичари.