Во обид да ја зајакне економијата и да ги обучи работниците со вештини што ќе им бидат потребни за иднината, „Гугл“ наскоро ќе почне амбициозна иницијатива: „Сертификати за кариера“ што ќе се добиваат со учење на нивните онлајн-курсеви кои ќе траат шест месеци.
Цената на курсевите ќе се движи од 300 до 400 долари, а од „Гугл“ велат дека оние што ќе ги посетуваат курсевите ќе се стекнат со доволно вештини што за да најдат работа.
Како што велат од „Гугл“, со помош на овие курсеви луѓето ќе стекнат вештини што ќе им овозможат веднаш да најдат работа.
- Факултетите се недостапни за многу луѓе, а не би требало да имате факултетска диплома за да имате економска сигурност. Потребни ни се нови, достапни решенија за обука за работа. При вработување кај нас овие нови сертификати ќе ги сметаме еквивалент на четиригодишна факултетска диплома - вели Кент Вокер, потпретседател на одделот за глобални работи.
Освен тоа, „Гугл“ изјави дека ќе финансира 100.000 стипендии врз основа на потребите.
Ваквиот потег на една почитувана компанија има голем потенцијал да ја промени иднината на образованието и на работата.
Една од главните критики на високото образование е тоа што универзитетот не ги подучува студентите на правилен начин за вештините што се потребни на работното место и ги остава во долгови со години поради студентските кредити (пред сѐ во Америка). Наспроти тоа, „Гугл“ тврди дека неговите курсеви, кои би чинеле многу помалку од традиционално универзитетско образование, ќе ги подготват студентите веднаш да најдат работа во високоплатени области.
Трите нови програми што ги нуди „Гугл“ заедно со годишната плата се:
- Аналитичар на податоци (63.000 долари годишно)
- Проектен менаџер (99.000 долари годишно)
- Дизајнер за корисничко искуство (75.000 долари)
Фото: Pixabay
Иако традиционалните дипломи и понатаму се сметаат за неопходни во области како правото или медицината, сѐ повеќе работодавци напоменуваат дека повеќе не ги доживуваат како неопходни.
Вистина е дека традиционалното високо образование може да биде потребно за некои патеки во кариерата, но за други не е ниту неопходно ниту практично. Алтернативата на „Гугл“ не само што чини колку дел од традиционалното универзитетско образование, туку може и да се заврши за многу пократко време и може подобро да ги опреми луѓето со вештини за работата што ја бараат.
Се разбира, она што го нуди „Гугл“ не е баш ново. На некој начин новата програма потсетува на други видови обуки што постојат со години, како што се програмите за стручно образование или програмите за преквалификација. Разликата е во тоа што „Гугл“ е почитувана компанија, нејзиниот сертификат лесно може да се препознае и прифати во компаниите и индустриите, слично на некои факултети.
Онлајн-сертификатите можат да им помогнат на работодавците да ја прошират својата база на вработени, отворајќи можности да најдат неискористен талент на невообичаени места.
Дали курсот може да го замени факултетот?
Многумина ќе изразат загриженост дека недоволен број работодавци ќе ја ценат програмата за сертификати на „Гугл“ и дека дипломците веројатно нема да добијат работа во „Гугл“. И тоа е точно. Клучот за програмата на „Гугл“ е личноста да стане привлечна и да добие поддршка од компаниите кои размислуваат исто како „Гугл“ кога станува збор за образованието.
И многу компании веќе го направиле тоа. На пример, „Гугл“ основа конзорциум од над 50 работодавци што можат да ги вработат дипломците од гугл-програмата за сертификати и ги повика директно да ги разменат своите податоци со наведените работодавци. Некои од работодавците што учествуваат се: „Волмарт“, „Интел“, „Спринт“, „Бест бај“, „Хулу“ итн.
„Гугл“ тврди дека сертификатите ќе им помогнат на луѓето да најдат работа во која било компанија, во кој било сектор. Компанијата ги поканува работодавците од сите големини со различни потреби за вработување да се пријават за присуство во конзорциумот.
Ова е само почеток и не се исклучува и другите компании во условите за работа да се откажат од факултетските дипломи, вклучувајќи ги и „Епл“ и „Ај-би-ем“.
Фото: Pixabay