Илон Маск со години имал идеја за супер апликација, односно мобилна апликација која би ги заменила многуте онлајн услуги што ги користиме денес. Една апликација која би ја користеле не само како социјална мрежа, туку и за гласовни повици, плаќање и слично, нешто слично на кинескиот „Ви чет“. Тој дури размислувал да лансира таква сосема нова апликација, но наместо тоа одлучи да потроши 44 милијарди долари и да го купи „Твитер“.
Веднаш по преземањето тој почна да прави големи промени во таа мрежа кои имаа негативно влијание врз огласувачите бидејќи тие, барем привремено, престанаа да се рекламираат на таа платформа, што влијаеше врз приходите на компанијата. Неодамна Маск ѝ ја предаде директорската столица на Линда Јакарино. Новата извршна директорка на социјалната мрежа во неодамнешно интервју ги објасни причините за големото ребрендирање на оваа мрежа. За потсетување, „Твитер“ неодамна стана X.
Јакарино објаснила дека кога ја прифатила поканата на Маск да стане извршен директор, тој побарал од неа да ѝ помогне да се трансформира и да се ребрендира. Тие промени вклучуваат нови искуства и еволуција во подолги видеа и објави и претплати на омилени креатори кои сега заработуваат од таа платформа. Таа најавила и дека иднината носи видеоповици и можност за плаќања меѓу корисниците, како и директни плаќања до креаторите.
Разделба со „Твитер“
Таа, меѓу другото, објаснила зошто било потребно да се смени името на социјалната мрежа и да се направи целосно ребрендирање. Ребрендирањето претставува ослободување од „Твитер“, што значи дека тие морале да се оддалечат од наследството на „Твитер“ и начинот на размислување поврзан со „Твитер“. Ако го задржат тоа име, сите промени ќе се сметаат за мали, а не радикални. Повеќето сè уште би гледале на „Твитер“ како на социјална мрежа на која се навикнати повеќе од една деценија и која има свое наследство и историја. И таа историја во овој случај претставува товар за иднината и иновациите.
Што се однесува до работата со Маск, како и нејзината улога во компанијата, таа нагласила дека нивните улоги се многу јасни. Маск е фокусиран на ребрендирањето и иднината на компанијата, додека таа е задолжена за сè останато - управување со компанијата, договарање партнерства, продажба итн.
Извор:
Zimo
Насловна фотографија: Pixabay